Актуелниот американски претседател Џо Бајден објави дека ќе се кандидира за втор мандат во „Белата куќа“ на изборите кои ќе се одржат во 2024-тата година. На возраст од 80 години, Бајден веќе е најстариот претседател во американската историја, а на крајот од вториот мандат, ако ја добие довербата, ќе има 86 години и смета дека неговите досегашни законодавни постигнувања и повеќе од 50-годишното искуство во политиката се поважни од загриженоста за неговата возраст.
Во видео порака со која ја најави својата кандидатура, Бајден ги окарактеризира наредните претседателски избори како борба за демократијата и личните слободи. Пред четири години неговото мото беше дека ќе се бори за душата на нацијата, а овој пат пораката кон американските гласачи која ја испрати е: „Да ја завршиме работата“!
-Прашањето со кое сме соочени е дали во годините пред нас, ќе имаме повеќе слободи или помалку слободи. Повеќе права или помалку права. Јас го знам одговорот, а мислам дека и вие го знаете. Ова не е време да бидеме задоволни. Затоа се кандидирам за Претседател. Затоа што ја знам Америка. Знам дека сме добри и пристојни луѓе – Џо Бајден, претседател на САД.