Колумбија го протера венецуелскиот опозиционер Хуан Гуаидо

Колумбиските власти му наредија на поранешниот лидер на венецуелската опозиција Хуан Гуаидо, кој нелегално влегол во земјата, да ја напушти Колумбија, објави денеска весникот „Ел Тјемпо“, повикувајќи се на извори во владата на претседателот Густаво Петро.

Според извештаите, на Гуаидо му било забрането и да дава какви било јавни изјави во Колумбија. Сега се очекува тој да замине од Богота во САД.

Колумбиското Министерство за надворешни работи увери во соопштението дека колумбиските миграциски власти го однеле Гуаидо на аеродромот „Ел Дорадо“ во Богота каде што ќе се погрижат за неговото заминување во САД со комерцијален лет за кој веќе имал билет.

Гуаидо помина помалку од еден ден на колумбиска територија.

Неговото протерување се случи неколку часа пред почетокот на меѓународната конференција во Богота посветена на политичката криза во Венецуела, чии учесници ќе се обидат да создадат услови за повторно воспоставување на дијалог меѓу венецуелскиот претседател Николас Мадуро и венецуелската опозицијата, што претходно се водеше во Мексико.

Претходно во понеделникот Гуаидо објави дека отишол во Колумбија за да присуствува на конференцијата и да побара средби со присутните меѓународни делегации.

Тој планирал и да учествува на демонстрациите против Мадуро закажани за денеска во Богота паралелно со самитот на министри за надворешни работи, кој е поддржан и од администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден.

По протерувањето, колумбиското МНР објави соопштение во кое колумбискиот министер за надворешни работи Алваро Лејва истакнува дека Богота не го поканила Гуаидо на самитот и не го очекува неговото присуство.

Одлуката на колумбиската влада веќе наиде на реакции. Карлос Векио, кој беше амбасадор на Венецуела во Колумбија за време на владата на поранешниот колумбиски претседател Иван Дуке кој призна Гуаидо како привремен претседател на Венецуела – позиција што тој повеќе не ја извршува – го осуди протерувањето.

„Прва одлука на домаќинот на конференцијата за Венецуела: Протерајте го, под закана, Хуан Гуаидо од Колумбија. Наместо да се почитуваат елементарните принципи на интерамериканскиот систем кои налагаат заштита за оние што се прогонувани. Или ги браните човековите права и демократијата или сте под диктатура,“ истакна Векио.

Треба да знаете
Последни објави