Медиумски писмен човек е првенствено човек, кој е писмен за вести, кој сака да размислува, информациите кои ќе дојдат до него не ги прима автоматски, ги анализира, има еден активен пристап. Медиумски писмен човек верува дека може да се справи со информациите, верува дека може да ги контролира информациите што стигнуваат до него, тој одлучува што ќе провери, што ќе смета за информација или за дезинформација, има прилично големи познавања како функционираат медиумите и кое е нивното влијание врз граѓаните. Тоа е човек, кој има внатрешна мотивација за вести, да следи вести заради сопствено добро, не затоа што треба или мора. Медиумски писмен човек е и човек којшто сака да се едуцира за дезинформации, сака да знае во каков свет живее, што значи дезинформацијата, какво влијание има, ја има таа активациска компонента да се приклучи за некаков вид на едукација, сака да учи. Едноставно тоа се луѓе коишто сакаат да учат.
Ова во интервју за МИА го вели проф. д-р Елеонора Серафимовска од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, наведувајќи ги карактеристиките на личностите со повисока медиумска писменост. Со Серафимовска, која е доктор по комуникациски студии и магистер по психолошки науки, разговаравме за неодамна објавеното истражување „Ранливост на дезинформации кај различни групи граѓани во Северна Македонија“. Таа е еден од авторите на истражувањето изработено во соработка со Институтот за комуникациски студии, во кое беа разгледани различни фактори кои влијаат врз отпорноста на граѓаните кон дезинформации.
Истражувањето е фокусирано на ранливи категории граѓани, односно тестирани се група на студенти, група на пензионери и една фокус група на лица со ниски примања, но како што вели Серафимовска, примерокот е мал за да биде репрезентативен за целата држава, но сепак резултатите даваат основа за тоа каде сме во моментов во однос на медиумската писменост и во која насока треба да се движиме.
– Општо граѓаните на Северна Македонија не се отпорни на дезинформации или се многу ранливи на дезинформации, вели Серафимовска, но додава дека ова е премногу општа констатација, бидејќи тоа мора да се прецизира во однос на примерокот, дали се работи за сите македонски граѓани, за каков вид на дезинформации се работи итн.
Во интервјуто таа говори за резултатите од истражувањето, за начинот на кој е расчленета медиумската писменост, со посебен фокус на писменоста за вести. Индексот за писменост за вести е малку над просек, што според Серафимовска е една добра основа за да бидеме медиумски писмени, на која, сепак и треба сериозна надградба.
Во индексот за писменост се мерени три компоненти, меѓу кои и локусот на контрола на медиумите, кој укажува колку поединецот смета дека работите зависат од него или се надвор од негова контрола.
– Во однос на тој локус на контрола, колку јас мислам дека од мене ќе зависи колку ќе бидам или информирана или дезинформирана. Бидејќи има луѓе велат: „Јас не можам ништо да направам, едноставно ме лажат медиумите што можам јас да направам – ништо“, нагласува Серафимовска, додавајќи дека студентите и пензионерите имаат некој просечен локус на контрола, но исклучително ниско е нивото на преземање одговорноста.
Во интервјуто разговаравме и за третата компонента на писменоста за вести – познавање на функционирање и структурата на медиумите, за кое истражувањето покажало исклучително ниско ниво.
– Ако студент втора година, дури и на студии односи со јавност има толку малку познавања за медиуми што можеме да заклучиме за нашето основно образование и за нашето средно образование? Не велам дека ова се информации, пак ќе го спомнам тој репрезентативен примерок, можеби не можеме големи генерализации да донесуваме, меѓутоа насоката е таа. Ние сме прилично неинформирани како функционираат и што се медиумите и медиумските системи, какво влијание имаат врз луѓето, вели таа.