Соборениот судански лидер Омар Башир беше префрлен од затворот Кобер во воена болница во суданскиот главен град Картум пред да избијат жестоки судири во земјата на 15 април, јавија извори од болницата.
Местоположбата на Башир беше ставена под прашање откако поранешниот министер од неговата влада, Али Харун вчера соопшти дека го напуштил затворот заедно со други поранешни функционери.
Башир и Харун ги бара Меѓународниот кривичен суд под обвинение за злосторства во Дарфур.
Борбите во Судан продолжија доцна синоќа, иако завојуваните фракции прогласија примирје, а повеќе луѓе побегнаа од Картум поради хаосот таму.
Вооружените сили на Судан и паравоените Сили за брза поддршка се согласија на 72-часовен прекин на огнот од вчера изутрина по разговорите со посредство на САД и Саудиска Арабија. Сепак, пукотници и експлозии можеа да се слушнат во Омдурман, соседниот град Картум на спротивниот брег на реката Нил.