Талибанците убија висок припадник на Исламска држава, кој наводно бил „мозок“ на самоубиствениот напад на аеродромот во Кабул во кој загинаа 13 американски војници и голем број цивили за време на хаотичната евакуација во 2021 година, потврдија американските власти.
Нападот се случи на 26 август 2021 година, додека американските трупи се обидуваа да им помогнат на Американците и Авганистанците да ја напуштат земјата откако Талибанците ја презедоа власта, што го зголеми чувството на пораз на Америка по 20-годишна војна.
– Тој беше клучен функционер на ИСИС-К директно вклучен во планирањето на операциите како што е Аби Гејт и сега веќе не може да планира или извршува напади, изјави портпаролот на Белата куќа Џон Кирби во изјава, мислејќи на влезот Аби Гејт на аеродромот во Кабул каде што се случи експлозијата.
Авганистанскиот огранок на Исламската држава, познат како Исламска држава Хорасан или ИСИС-К, по старото име на регионот, е непријател на талибанците. Борците лојални на Исламската држава првпат се појавија во источен Авганистан во 2014 година, а подоцна се пробија и во други области.
Неименувани американски официјални лица изјавиле за Си-Би-Ес дека терористот бил убиен пред неколку недели, но било потребно време да се потврди неговата смрт.
Официјални лица рекоа дека утврдиле дека е мртов преку собирање разузнавачки информации и надзор на регионот, иако не дадоа дополнителни детали за тоа како дознале дека тој е одговорен за бомбашкиот напад.
Според извештај на Њујорк Тајмс, САД дознале за неговата смрт на почетокот на април. Не е јасно дали тој бил цел на талибанците или бил убиен за време на судирите меѓу ИД и талибанците, пишува весникот.