Маж кој го шетал своето куче утрово бил нападнат од мечка во село на 20-ина километри од Љубљана.
Мажот е полесно повреден, а мечката се повлекла по нападот, се наведува во соопштението на општината Шкофљица, каде што се случил нападот, пренесува словенечка СТА.
Како што соопштија од општината, инцидентот се случил на простор каде што се сечат дрвја.
Порталот 24ур.ком објави дека мечката нападнала маж, кој се шетал во шума со куче и со уште едно лице. Таа го каснала за ногата.
Општината повторно ги повика жителите и другите посетители во областа да ги следат упатствата за спречување на напади на мечки, пренесува Танјуг.
Во Словенија е отворена расправа да се одобри намалување на мечките поради големата намноженост. Се предлага бројот од 1.100 мечки да се намали на околу 800, а најмногу мечки да бидат застрелани во јужниот дел на Словенија, каде што има најмногу инциденти со овие животни.