Поранешниот претседател на Бразил Жаир Болсонаро кој е краен десничар, негираше каква било вмешаност во бунтот на 8 јануари во Бразилија, велејќи и на федералната полиција дека „случајно“ објавил видео во кое ја оспорува изборната победа на неговиот левичарски наследник Лула.
Распитот на Болсонаро (68) во седиштето на федералната полиција во Бразилија траеше повеќе од два часа, но поранешниот претседател не даде изјава по заминувањето.
Неговиот портпарол Фабио Вајнгартен изјави дека поранешниот претседател (2019-2022) го „осудил“ уништувањето на владините канцеларии во Бразилија.
На 8 јануари Жаир Болсонаро беше во Орландо, САД. Тој го напушти Бразил на 30 декември, два дена пред крајот на неговиот мандат и инаугурацијата на Луис Инасио Лула да Силва, чија победа Болсонаро никогаш не ја призна.
Не сакајќи левицата да се врати на власт, илјадници луѓе на 8 јануари упаднаа во претседателската палата, Конгресот и Врховниот суд. Демонстрантите лесно го пробија полицискиот кордон, уништувајќи сè што им се најде на патот, вклучително и вредни уметнички дела.
По немирите беа уапсени повеќе од 1.800 луѓе.
По насилството во Бразилија, судијата на Врховниот суд, Александре де Мораес на 13 јануари отвори истрага за можната вмешаност на Жаир Болсонаро.
Една од причините за покренување на истрагата беше видеото што поранешниот претседател го објави на социјалните мрежи на 10 јануари, два дена по бунтот, оспорувајќи ги изборните резултати на Лула.
На снимката државниот обвинител вели дека левичарскиот претседател „не бил избран од народот“, туку победил благодарение на манипулациите на изборните органи.