Интензивни градежни активности се одвиваат во населбата Припор. Градоначалникот Ѓорѓиевски денес изврши увид на улицата “Христо Татарчев”, крак 21, каде започна процесот на асфалтирање. Се работи за една од улиците опфатена со големиот проект за подобрување на инфраструктурата во оваа урбана заедница, на површина од над 10 000 квадратни метри. Досега, завршен е кракот 23 од истоимената улица, а во моментот се работи на реконструкција на фекалната канализација на кракот 25. Откако ќе биде завршен овој зафат, истата ќе биде асфалтирана. По неа, ќе се работи на поставување на нов асфалт и на улицата 22а., 24, 27, и улицата кај црквата, односно патот што води кон Теферич.
Инвестирањето во обнова на инфраструктурата во оваа, но и во сите останати населби во општина Кисела Вода ќе продолжи со несмалена динамика, истакна градоначалникот Ѓорѓиевски.
-Денес сме на кракот 21 од улицата “Христо Татарчев”, кој има видни оштетувања и кој не е саниран дваесетина години. 40-тина семејства чија адреса е на оваа улица наскоро ќе имаат многу покомфорно секојдневие, бидејќи од утре, таа ќе биде прекриена со нов асфалт. Ова е само една од улиците кои ги санираме во Припор, во рамки на големиот проект за подобрување на инфраструктурата во оваа урбана заедница. Веќе го саниравме кракот 23, на кракот 22 а ќе работиме по завршувањето на денес отпочнатата улица, потоа и на кракот 27, кракот 24 што води кон маркетот “Дaвидoфф”, ќе ја асфалтираме и улицата кај црквата, односно патот што води кон Теферич, додека кракот 25 од улицата “Христо Татарчев” ќе биде асфалтиран откако ќе завршиме со реконструкцијата на фекалната мрежа на таа улица. Значи, во одредени делови каде што има потреба, паралелно работиме на подобрување и на подземната и на надземната инфраструктура. Се работи за голем проект на Општина Кисела Вода кој треба да донесе подобри услови за живеење, побезбеден сообраќај и зголемена естетика и то го правиме не само во Припор, туку и во останатите урбани и месни заедници. Ветувањето што им го дадов на граѓаните дека до крајот на мојот мандат нема да има неасфалтирани улици и дека ќе постигнеме рамномерен регионален развој, во целост ќе го остварам. Управувајќи ја динамиката на работата, верувам дека ова ќе го оствариме и многу порано од предвиденото-изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.