Грција нема да толерира беззаконие и заплашување на граѓаните – гласи изјавата на портпаролот на грчката влада Акис Скерцос, откако група членови на „Златна зора“ со маски на лицата, капи и качулки упаднаа во галеријата на солунската општина Каламариа, каде што во тек е изложбата на македонскиот ликовен уметник Сергеј Андреевски.
Одговарајќи на новинарско прашање за инцидентот во галеријата, портпаролот на грчката влада рече дека нема толеранција ниту за нацистичките паравоени групи – термин кој во Грција се користи за организираните групи на „Златна зора“. Од некогашна парламентарна партија, „Златна зора“ во 2020 година е прогласена за криминална организација со одлука на грчкиот суд.
-Не постои никаква толеранција за т.н. паравоени нацистички групи, никаква толеранција за беззаконието, никаква толеранција за заплашувањето на граѓаните, одговори Скерцос.
Претходно дописникот на МИА од Атина јави за инцидентот во галеријата на општината Каламариа во Солун каде што во тек е изложбата на македонскиот ликовен уметник Сергеј Андреевски.
Во видеоснимка објавена од т.н. „Фронт на подмладокот – Златна зора“ се тврди дека „Златна зора“ ја запечатила скопската изложба во Каламариа и дека нејзините членови не прифаќаат никаков компромис за „грчкиот карактер на Македонија“, а дека со изложбата на Андреевски станува збор за „очигледен потсмев и навреда на националното чувство на Македонците“ и дека тие морале да интервенираат и пред сè да испратат порака до грчките власти дека „ваквите провокации не остануваат без одговор“.
Во врска со инцидентот денеска реагираа и од македонското Министерство за надворешни работи (МНР), од каде што посочија дека Генералниот конзул на С Македонија во Солун и Амбасадата во Атина веднаш стапиле во контакт со надлежните органи на Грција, а за случајот е информирано и грчкото МНР.
Во просториите на македонското МНР, како што информираа оттаму, денеска е повикана и грчката амбасадорка во земјава, Софија Филипиду, на која формално ќе ѝ бидат упатени очекувањата дека ќе бидат преземени сите мерки од страна на властите во Грција за откривање на сторителите.