„Најмалку 51% од компаниите, работниците и останати ресурси ќе бидат ангажирани од Република Северна Македонија,” истакна министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска одговорајќи на пратеничко прашање во врска со ангажираноста на работна сила од државава и наводите од пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ за вклученост на само 30% од домашните работници.
„Во делот на законот со кој што велите дека ќе се воведе 12 часа прекувремена работа, никаде во тој закон кој е предлог на пратениците не стои дека ќе бидат ангажирани работниците 12 часа односно 72 часа и никаде не стои 60 часа неделно,” посочи Тренчевска.
Во однос на први мај и дека синдикатот дека бил на нозе, како дел од наративот на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Стојановски, министерката Тренчевска посочи дека тоа се манипулации и лажни вести кои ВМРО-ДПМНЕ ги користи за создавање на хаос во општеството.
Она што е вистината е дека Владата, МТСП и јас како министерка ќе ги штитиме правата на работниците и ќе се почитува секој закон што се однесува на правата на работниците. Она што треба да го знаете дека, за секоја прекувремена работа ќе биде испочитувана одредбата за дневната пауза и неделен одмор односно 24 часовен одмор. Сето тоа ќе биде испочитувано од страна на компаниите од страна на фирмите кои ќе ангажираат работници на коридорот 8 и 10д “, потенцираше Тренчевска.
На крајот од своето обраќање таа се осврна на заложбите на оваа Влада за почитување на правата на работниците, токму со Законот за работни односи.
„Владата и Министерството за труд и социјална политика ќе ги штити правата на работниците и нема да дозволи ниту едно право да биде злоупотребено, се работи за проект што е од стратешки и национален интерес, се работи за прекувремена работа која ќе биде исплатена и која ќе биде дозволена само со писмена согласност од работникот,” порача Тренчевска.