Претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ, оствари средба со претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, на која се разговараше за односите меѓу двете сојузнички земји, како и за состојбите во регионот.
Милановиќ ги оцени односите меѓу Хрватска и Албанија како пријателски и рече дека Хрватска се труди што повеќе да и’ помогне на Албанија за влез во Европската унија.
„Албанија, според мене, одамна требаше да биде во многу повисока фаза на интеграција во Европската Унија. Немаше ниту една реална политичка, безбедносна или економска причина Албанија сега да не биде на крајот од преговорите. Тоа не се случи, а верувам дека е така поради предрасудите не само кон Албанија, туку и кон некои други земји“, рече Милановиќ, пренесе агенцијата „Анадолија“.
„Клучниот проблем лежи во предрасудите на Западна Европа кон Балканот, кон муслиманите, бидејќи Албанија е земја во која претежно живеат граѓани од муслиманска вероисповед, а тоа очигледно стана проблем во Западна Европа“, додаде Милановиќ.
Тој додаде и дека Косово е реалност.
„Реалноста е дека Косово е дел од Европа и во не така далечна иднина ќе го признаат сите европски земји, а Србија е во малку политички шизофренична ситуација во која, од една страна , фантазира за односот со Русија, на која Белград и е само еден мал приврзок, а од друга страна мора да живеат во Европа. За жал, прашањето за Косово е неразделно од прашањето за односите со Србија“, рече Милановиќ.
Тој оцени дека огромното мнозинство српски граѓани ја прифатиле реалноста на Косово.
„Србија го загуби Косово затоа што не беше добар господар“, заклучи Милановиќ.