Во Арапската Пустина откриени римски воени логори од пред 2.000 години

 Археолози пронајдоа три воени логори во Арапската Пустина од пред речиси 2.000 години, од времето на Стариот Рим. Наодите првпат се забележани на „Гугл Ерт“ и, изненадувачки добро сочувани, тие даваат увид во римските походи на Арапскиот Полуостров во 2. век од нашата ера, јави Би-Би-Си.

Истражувачите од Универзитетот Оксфорд посочуваат дека логорите би можеле да послужат како доказ за походот на Римјаните во Набатејското Кралство – југоисточен Јордан и денешна Саудиска Арабија во 106. година. Д-р Мајкл Фредли е прв кој ги идентификуваше логорите.

– Речиси сме сигурни дека тие биле изградени од римската војска, со оглед на типичниот облик на постројката како „карти за играње“ со спротивставени влезови долж секоја страна. Веројатно, логорите биле изградени како одбранбени утврдувања додека Римјаните ги освојувале арапските земји. (Камповите) биле користени само денови или седмици, објасни д-р Фредли.

Друг воен стручњак за римскиот период, д-р Мајк Бишоп смета дека овие логори се доста „спектакуларно ново откритие“ за Римската Империја.

– Ова е важен нов увид во римските походи во Арабија. Римските утврдувања и градби покажуваат како Рим држел една провинција, но привремените логори откриваат како на прво место ја стекнувале истата, додаде историчарот.

И проф. Ендрју Вилсон, кој исто така, има удел во написот во списанието „Антиквити“ (Antiquity), верува дека фактот што повеќето западни кампови се многу поголеми од другите, кажува многу за природата на овие воени походи. 

Треба да знаете
Последни објави