Борко не ја прифаќа суспензијата и ќе го тужи МОК, а парите од Лозана ќе ги донира на РК и ФК Вардар

Борко Ристовски на прес-конференција говореше за суспензијата што му беше изречена од Дисциплинската Комисија на МОК, за која долгогодишниот македонски репрезентативец јасно стави до знаење дека нема намера да се жали бидејќи не ја смета за валидна казната што му беше изречена. Воедно, голманот на Вардар најави дека е решен за долга борба со првиот човек на МОК, Даниел Димевски.

-Вeрувам дека од денеска ќе се сврти нов лист во македонскиот спорт. Сите знаевме дека позади еден човек стојат повеќе сомнителни ситуации, јас тоа го кажав директно, би рекол македонски, но сега на оваа прес-конференција ќе го демонстрирам тоа на еден поинаков начин, со докази за криминал што потоа ќе го решат одговорните структури во власта. Оваа казна се базира на страв и на немоќ, не е правно издржана. Димевски можеби мисли дека со оваа казна ќе ме одврати од намерата да го завршам она што сум го почнал. Човекот кој знае дека има многу индиции за сторен криминал, по едно мое ТВ гостување во кое кажав она што го имав да го кажам, одлучи да се затскрива зад МОК, доведувајќи ја оваа институција во подредена ситуација. Тој можеше да се реши за тужба за клевета, за таму да докажувам дали сум во право или не, но тој не го стори тоа и се реши за една ваква суспензија. Не сакам да поднесувам жалба бидејќи со тоа би дал правен легитимитет на постапката, тоа е интерна казна која тие можат да си ја даваат на било кого.

Тоа е моја интерна борба, за да се тргнат ваквите луѓе од спортот. Мислам дека Даниел Димевски се прецени, треба добро да го знае човекот кого го напаѓа. Јас го направив тоа, но тој се реши за банална дисциплинска казна, можеби мислеше дека ќе ме замолчи, но само ми даде сила да излезам со сите документи. Не знам со кого Димевски си имал работа досега, но јас се познавам себе и нема да се откажам од намерата него да го нема повеќе во македонскиот спорт“, изјави Ристовски.

Притоа потенцира дека намерата не му е да заработи од МОК, туку какви било средства, кои би ги добил од таков случај, би ги донирал во РК и во ФК Вардар.

-Бев во контакт со неколку адвокати од странство и сите ми кажаа дека имам правна основа за тужба до Спортскиот суд во Лозана. Јас ќе го искористам тоа право и во наредниот период ќе испратам тужба до овој суд. Мојата цел не е да се земат средства од МОК, тоа се средтва од спортистите. Сакам јасно да ставам до знаење дека немам намера да заработам со парите што би ги добил бидејќи јас ова не го правам за пари. Било кои средства што ќе ги добијам, ќе ги подарам на спортски клубови, половина за РК а половина за ФК Вардар“, изјави Ристовски, додавајќи дека нема амбиција да биде претседател на МОК.

Фото: Слободан Ѓуриќ

Треба да знаете
Последни објави