Лоши вести од САД за Ѓоковиќ, пак „виси“ настапот на УС Опен

Како што стојат работите, постојат шанси најдобриот тенисер на светот Новак Ѓоковиќ, сепак, да не може да настапи на УС Опен, како и на силниот турнир во Синсинати, кои се закажани за август и почетокот на септември.

Од САД доаѓаат информации дека американскиот претседател Џо Бајден ги слушнал и ги прифатил препораките на Центарот за заразни болести (ЦДЦ), па забраната за влез во земјата за сите кои не се вакцинирани против коронавирусот треба да продолжи да важи. Ваква вест објави Дејли Мејл, а гласно одекна во српските медиуми.

Доколку овие наводи се покажат точни, тогаш Ѓоковиќ ќе мора да ги пропушти турнирите во Америка, каде што претходно во март не играше во Индијан Велс и Мајами токму затоа што не беше вакциниран.

Се шпекулираше дека сите забрани во САД треба да бидат укинати од 11 мај, па на лицата кои не се вакцинирани ќе им биде дозволен влез во земјата, но последните информации покажуваат дека тоа нема да биде случај.

Ѓоковиќ во кариерата освои 22 Грен слем турнири, од кои три беа УС Опен, последен пат во 2018 година.

Треба да знаете
Последни објави