Добар дел од европската кошаркарска јавност се прашуваше зошто нема казни и за кошаркарите на Реал Мадрид, Серхио Љуљ кој го испровоцира инцидентот и Џанан Муса, на мечот против Партизан, кој беше прекинат на 100 секунди пред карјот по општиот хаос кој настана на паркетот.
По серијата прозивки, Евролигата денеска со објаснување за својата одлука во која Реал Мадрид и Партизан беа казнети со по 50.000 евра, Јабуселе доби суспензија од пет натпревари, Пантер два, додека Дек и Лесор ќе паузираат само еден меч.
„Точно е дека Љуљ направи неспортски прекршок, но тоа беше сè што стори. Кога Пантер се втурна во него, тој остана смирен и не реагираше бурно за време на инцидентот. Јасно се гледа на сите видео снимки дека Љуљ не учествува во тепачката и едноставно чека да се смири ситуацијата. Џанан Муса, пак, не возврати на ударот од Пантер и сметаме дека тука нема апсолутно ништо спорно. И Пантер и Лесор го нападнаа босанскиот кошаркар, но тој не изреагира недолично и затоа не е казнет, што не е случај со играчите на Партизан“ – се вели во соопштението на Евролигата.
Партизан има предност од 2-0 во четвртфиналето, пред утрешниот трет меч кој се игра во „Штарк арената“ во Белград.