Почитувани граѓани,
Во свое и во име на МВР ви го честитам 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот!
Ден кој има огромно значење за работниците, како од аспект на економскиот и социјалниот статус за кои се изборија, така и за придонесот со кој го движат светот напред.
Настаните кои се случија од другата страна на Атлантикот, започнувајќи со барањата на работниците за 8 часа труд, 8 часа рекреација, 8 часа одмор, а кои кулминираа со штрајк во 1886 на работниците во Чикаго во кој, за жал, имало и жртви, претставуваат симбол за почитување на трудот на секој подеднакво. До ден денес, во знак на почит кон жртвите на чикашкиот штрајк, но и како манифестација на солидарноста со работниците во целиот свет го одбележуваме овој ден, а нивните барања ги одбележуваме како највисоки вредности на едно цивилизирано и современо општество.
Длабоко свесни дека посветената работа на работниците претставува темелот на општеството, како Влада безусловно се грижиме за создавање еднакво општество за сите. Како резултат на тоа ја решивме историската неправда кон стечајните работници – 12.000 лица, најголем дел од мое Куманово, се обештетени со месечен надоместок од 8.000 денари до пензионирањето.
А, од аспект на МВР се заложивме за севкупно подобрување на социјалниот и економскиот статус на полициските службеници, на создавање професионални услови за работа со реконструирани 80 објекти, набавени нови униформи и опрема, исплата на 5 бонус плати, а за скоро време и 6-та бонус плата. Сето тоа во насока на нашата максима „Мотивирана полиција – безбедни граѓани”, која донесе високи резултати во гарантирање на безбедноста на граѓаните и државата.
Во оваа прилика, ја изразувам мојата искрена благодарност до сите пожртвувани работници, до колегите полициски службеници, до припадниците на Армијата, здравствените, просветните, градежните и комуналните работници, сите кои работат кон функционално стопанство и кои ги одржуваат виталните дејности на нашата држава.
На сите граѓани им го честитам 1 Мај, Денот на трудот, посакувам во здравје и благосостојба да ги поминат празничните денови – и, секако, заедно да работиме кон понатамошен прогрес на општеството!