Академски дијалози на Министерката за одбрана Славјанка Петровска со студентите на Филозофски факултет

Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска се обрати пред студентите и професорите од Филозофскиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј” – Скопје, во рамки на серијата академски дијалози кои се организираат по повод одбележувањето на годишнината од членството на Северна Македонија во Алијансата и Денот на НАТО.

 На денешните академски дијалози, министерката Петровска со студентите дискутираше за безбедноста на Северна Македонија, политичката и воената поддршка за одбрана на Украина, неконвенционалните закани и сајбер нападите во Северна Македонија, како и процесите за модернизација на Армијата.

На почетокот на своето обраќање пред студентите, министерката Петровска образложи зошто членството во НАТО е успешна приказна.

„ Како дел од тој голем чадор на безбедност, ние во суштина на граѓаните им даваме друг вид на заштита, не само од аспект на безбедност, туку ние им даваме сигурност низ економската призма. Бројот на компании кои Северна Македонија ја гледаат како побезбедна држава, како подобра држава за инвестирање апсолутно се зголемува откако ние сме станати земја членка на Алијансата. Да не заборавиме. Приклучувањето наше кон Алијансата не значи и не е само израз на добра волја. Ако ги видите наназад, од осамостојувањето па до пред некоја година кога станавме членка на НАТО, сите говори на сите политички партии, ќе видите дека имаме стратешки две цели – НАТО и ЕУ. Меѓутоа, на крајот во историјата не им се бројат на политичарите колку пати ги споменале во своите говори НАТО и ЕУ, туку се гледа што сме направиле за да станеме НАТО членка и за да станеме членка на ЕУ. Затоа мислам дека одлуката да се направи сериозниот исчекор во 2018 година, со потпишувањето на Преспански договор, се гледа негова вредност во инвестирањето во иднината на оваа држава, што всушност покажува дека ние политичарите понекогаш имаме малку потешка задача. После извесно време се виде дека таа одлука е многу исправна”,потенцираше Петровска.

 Говорејќи за војната во Украина, пред студентите министерката Петровска порача дека секој еден од нас има основна обврска да биде на страната на меѓународното право, кое вели дека ниедна агресија, особено агресија врз суверена независна држава не може да биде неказнета.

„Зошто ја донесовме одлуката за донирање на воена опрема и помош? Заради тоа што Украина е суверена држава и Украина има право да се одбрани. Да не заборавиме, војната во Украина не започна од Украина, туку започна со неоправдана агресија од страна на Русија. Основна обврска на секој еден од нас е да биде на страна на меѓународното право. Тоа е всушност вистинската причина зошто големиот дел од земјите во светот, слободно ќе кажам, се одлучивме и се обединивме да и помогнеме на Украина, не во војната, туку во одбраната на сопствената територија”, потенцираше Петровска.

  Министерката се осврна и на потребата на развој на капацитетите  за одбрана од современите опасности, како што е сајбер одбраната.

„Тука има сериозен предизвик за секоја од државите, колку повеќе една технологија се развива толку побрзо и повеќе ние мора да инвестираме во сопствените капацитети за да бидеме способни да дадеме одговор на тие закани. Апсолутно работиме на зајакнување на капацитетите на институциите кои треба да ни гарантираат дека во секој случај ако се појави било каков сајбер напад, институцииите ќе бидат подготвени да одговорат “, рече Петровска.

Во дијалог со студентите, министерката Петровска одговараше и на нивните прашања за одбраната, Долгорочниот план за развој на одбранбените способности, како и вложувањата кои Министерството во последните години ги презема за модернизација на Армијата.

Треба да знаете
Последни објави