Екипата на Манчестер сити се врати на лидерската позиција во Премиер лигата, откако вечерва, на домашен терен, со далеку подобра игра во второто полувреме го совладаа Вест Хем (3-0).
Отпорот на „чеканите“ траеше само во првите 45 минути во кои мрежите мируваа, по што Аке прв ја начна мрежата на гостите во 50. минута, за Ерлинг Халанд дваесетина минути подоцна да го удвои водството. Норвежанецот со овој погодок влезе во историјата на англиската елита, со оглед што за него ова беше 35. гол сезонава со што е апсолутен премиерлигашки рекорд во една сезона, надминувајќи ги Енди Кол и Алан Ширер, кои имаат по еден помалку. Точка на мечот стави Фоден на пет минути пред крајот.