Њујорк Никс во својата сала го добија вториот натпревар од НБА полуфиналето на Истокот против Мајами Хит со 111-105, па резултатот во серијата е израмнет на 1-1.
Џејлен Брунсон постигна 30 поени за Њујорк Никс, кој во многу израмнет натпревар на крајот го разби тимот на Мајами Хит кој настапи без својата најголема ѕвезда Џими Батлер.
Брансон шутираше 10-19 од поле и 6-10 од три, иако беше под знак прашалник неговиот настап поради пробелм со десниот зглоб.
Џулиус Рендл, кој не настапи на првиот меч се врати по повредата и истегнување на левиот скочен зглоб со 25 поени, 12 скока и осум асистенции, Ри Џеј Барет постигна 24 поени, а Џош Харт заврши со 14 поени, 11 скока и девет асистенции за Никс.
Кејлеб Мартин постигна 22 поени за Хит, кој е домаќин на натпреварот број 3 во сабота. Гејб Винсент додаде 21 поен, Макс Струс заврши со 17 поени, а Бам Адебајо имаше 15 поени, осум скока и шест асистенции.
Мајами имаше водство од 93-87 пред Њујорк да постигне 14 од следните 17 поени за пет поени предност на две и пол минути до крајот на четвртата четвртина. Брунсон потоа погоди две тројки, Харт една, а со четири слободни фрлања Њујорк ја зголеми предноста на недостижни 108-100 на триесетина секунди до крајот. Харт ја запечати победата со погодени три од четирите слободни фрлања.
Во Мајами се надеваат дека во сабота ќе го имаат Батлер, водечкиот стрелец во плејофот, кој го исчаши десниот зглоб во победата од 108-101 во првиот натпревар.
Никс се обидуваат да стигнат до финалето на Источната конференција за прв пат по 2000 година, кога стигнаа таму откако го победија Мајами во седум натпревари.
Во вториот вечерен натпревар ЛА Лејкерс го совлада Голден Стејт Вориорс со 117:112 на гостински терен и со тоа поведе со 1:0 во полуфиналната серија од Западната конференција.
Лејкерси веќе направија „брејк“ во првиот натпревар од серијата и ја одзедоа предноста на домашниот паркет на Вориорс и успеаја да се изборат со доцниот налет на домаќините.
Двоцифрената петорка во редовите на Лејкерси ја предводеше Ентони Дејвис со 30 поени и дури 23 скока, Леброн Џејмс забележа 22 поени и 11 скока, а Денис Шредер и Д’Анџело Расел постигнаа по 19 поени.
Две вечери откако постигна 50 поени за Кралевите во седмиот натпревар од првото коло, Стеф Кари остана на 27 поени, а одбраната на Лејкерси го ограничи на три асистенции и изнуди пет загубени топки. Клеј Томпсон постигна 25, а Џордан Пул постигна 21. Кевон Луни повторно беше скокачка машина со 23 фатени топки, а постигна и 10 поени. Ендрју Вигинс застана на 15 поени.
Натпреварот 2 од серијата е закажан за четврток навечер во 3 часот по средноевропско време, а Вориорс повторно ќе бидат домаќини на натпреварот пред тимовите да отпатуваат во Лос Анџелес на третиот и четвртиот натпревар.