Огромната трагедија која предизвикува тага и болка, изјави денеска началникот на полицијата во Белград, Веселин Милиќ, кој на прес-конференција соопшти детали за денешното пукање од страна на 14-годишен ученик (К.К.) во школо во општината Врачар, а во кое беа убиени најмалку осум ученици и чуварот.
Милиќ соопшти дека утрово околу 8:40 прва во полиција се јавила заменик-директорката во училиштето Иванка Јовановиќ и рекла дека ученик влегол со огнено оружје и пука по случаен избор. Полициски патроли веднаш се упатиле на терен. Две минути подоцна, откако се пукало, се јавило и момче кое се претставило како Коста Кецмановиќ, а кој подоцна беше идентификуван како напаѓач. Поради овој грозоморен чин во кој страдаа малолетни учленици Србија прогласи тридневна жалост, почнувајќи од петок.
Милиќ кажа дека ученикот еден месец го планирал нападот, но мотивот останува непознат. Пиштолот со кој пукал му припаѓал на татко му, а во ранецот донесол и четири молотови коктели.
-Тој имал список на деца кои планирал да ги ликвидира. Самиот го направил планот на влезовите и излезите во училиштето и, како што кажа, ги одредил приоритетните мети. Скицата изгледа како од видеоигра или хорор филм. Тој составил редослед на децата кои сакал да ги убие, изјави Милиќ.
Трагедијата каква што не се памети во регионот почнала во 8:30 часот, кога седмоодделенецот Коста прво го застрелал чуварот кој се обидел да го смири, а потоа убил три девојчиња во ходникот. Крвавиот поход го продолжил во кабинетот по историја на првиот спрат, каде што прво пукал во наставничката, а потоа убил пет деца и ранил уште шест. Лекарите и натаму се борат за животите на наставничката и една ученичка, која била застрелана во глава, јавуваат српските медиуми.
-Операцијата заврши, беше многу тешка. Девојчето има тешки повреди на мозокот и животно е загрозено, изјави директорот на Детската клиника, Синиша Дучиќ.
Децата од училиштето „Владислав Рибникар“ во централната општина Врачар тврдат дека Коста бил одличен ученик, но тивок и повлечен. Често учествувал на школски натпреварувања и во училиштето го викале бубалица. Неофицијално, неодамна добил единица по историја, што го изнервирало, а другарите го задевале за тоа.
Коста, исто така, наводно бил жртва на врсничко малтретирање, поради што бил префрлен во друг клас, каде што тоа продолжило. Според директорот на училиштето, тој не покажувал емотивни проблеми.