Бидејќи ВМРО-ДПМНЕ бараше да се разгледува Договорот за коридорите, самите да одлучат на која комисија, кога и каде сакаат да се разгледува, да донесат одлука како да се движи во Собранието и тоа да го направат што поскоро, рече денеска во одговор на новинарско прашање координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески.
-Ако го анализирате вчерашниот ден, кога главна тема беше каде ќе се разгледува Договорот за коридорите првата шпекулација од ВМРО-ДПМНЕ беше дека наводно мнозинството бара начин како Договорот воопшто да не се разгледува. На тоа одговоривме и како став беше прифатен на координација кај претседателот на Собранието ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи бараше да се разгледува Договорот за коридорите, самите да одлучат на која комисија, кога и каде сакаат да се разгледува, да донесат одлука како да се движи во Собранието и тоа да го направат што поскоро. Кога видоа дека немаат одговор а целта очигледно им е да продолжат со шпекулации, почнаа со нови измислици и шпекулации дека договорот треба да биде даден на разгледување неколку дена. Иако точно знаат дека согласно законските одредби за класифицирани информации и Уредбата на Влада донесена 2004 година за ваков тип договори тоа не е можно на тој начин затоа што има пропишано начин. Затоа уште еднаш апелирам ВМРО-ДПМНЕ да кажат на која комисија и каде сакаат да се разгледува Договорот и тоа да биде побрзо. Само на тој начин ќе ги прекинеме сите шпекулации поврзани со најголемиот инфраструктурен проект од независноста до денеска. ВМРО-ДПМНЕ само се служи со лаги и само да го одолговлекуваат овој национален проект. ВМРО-ДПМНЕ велеше дека свиркачи им го доставиле Договорот за коридорите, зошто сега одолговлекуваат и бараат неколку дена да го разгледуваат? Ако го имаат Договорот која е логичната потреба сега им треба дополнително време за разгледување на договорот во Собранието? Само шпекулации и само лаги од ВМОР-ДПМНЕ, рече Митрески. Според него, во законите е точно пропишан начинот. -Законот за класифицирани информации, член 26, мерки и активности за административна безбедност и за физичка безбедност на документите, се наведува кои се мерките и на крај стои дека со Уредба поблиску се уредуваат од страна на Владата. Еве ја уредбата на Владата од 16.11.2004 година и цитирам како стои точно: „копии, репродукции и преводи на документи класифицирани со степен на строго доверливо и пониско, може да бидат направени од страна на корисникот и под негов постојан надзор. Тоа значи дека копии може да бидат направени, да се поделат таму каде што бидат, на Комисиите собраниски, но мора да бидат под постојан надзор. Значи не може да се изведуваат надвор од таа сала и надвор од Собранието. Значи на самото место треба да се разгледува а не надвор. Може да трае подолго во тек на денот, нека трае два дена, нека се види се нека се праша. Ова што го читам го знаат и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ но единствено нив целта им е само шпекулации, додаде Митрески.