остои силна поврзаност помеѓу слободата на медиумите и безбедноста. Како најголема регионална безбедносна организација, ОБСЕ игра клучна улога во промовирањето на мирот и безбедноста во 57-те земји-учеснички, а со тоа и на безбедноста на новинарите.
Ова го истакна Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи во неговото видео обраќање по повод Светскиот ден на слободата на медиумите на настанот „Дали може да има безбедност без слобода на медиумите?” организиран од канцеларијата на Претставникот на ОБСЕ за слобода на медиуми и Претседателството на Северна Македонија со ОБСЕ во Њујорк.
„Целосно го поддржувам и се согласувам со мотото дека слободата на изразување е двигател за почитувањето на сите други човекови права. Би сакал да додадам дека слободата на изразување е витално право што го одразува нивото на демократија во секое општество. Во тој контекст, од суштинско значење е да се заштитат независните и плуралистички медиуми кои во вистинска светлина ја претставуваат реалноста на теренот и ги информираат граѓаните”, рече Османи во своето обраќање.
Во таа насока е и мотото на Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ „За луѓето се работи” , додаде Османи, бидејќи луѓето заслужуваат да ја знаат вистината.
Османи истакна дека за жал вистината, а со тоа и безбедноста е загрозена повеќе од една година поради воената агресија против Украина, спроведена од Руската Федерација.
„Таа предизвикува огромна неправда и страдања и ги уништува животите и средства за живот на милиони Украинци. И како што вели познатата поговорка…Вистината често е првата жртва на војната. И вистината умира во темнина”, рече Османи.
Во таа насока, Претседавачот повика на заедничка акција од страна на сите демократски лидери кои мора со дела да покажат дека заканувачите на новинарите ќе бидат казнети, а тие ќе бидат заштитени.
Османи го поздрави вчерашното потпишување на заедничка Декларација од страна на Претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите и другите меѓународни организации со мандат во слободата на изразување.
„Декларацијата ја нагласува критичната улога на медиумите како столб на демократијата. Вистина е дека ние, како лидери, треба да ја браниме и промовираме слободата на медиумите за правилно функционирање на демократските општества и институции”, рече Османи во своето обраќање.