Велика Британија е подготвена за безбедносниот предизвик за крунисувањето на кралот Чарлс Трети во сабота, на 6 мај, изјави денеска министерот за безбедност Том Тугенхут, откако претходно еден човек беше уапсен пред Бакингемската палата.
„Полицијата е насекаде, во најмала рака, а нашите разузнавачки и другите безбедносни сили се многу свесни за предизвикот со кој се соочуваме“, изјави Тугенхут за Тајмс радио.
„Она што го планираме неколку месеци е една од најважните безбедносни операции“, додаде тој.
Британската полиција вчера уапси маж откако се приближил до портите на Бакингемската палата и фрлил предмети „што личеле на чаури од пушка“ на теренот на палатата, соопшти лондонската Метрополитен полиција.
Апсењето се случи во моментот кога полицијата и безбедносните служби вршеа подготовки за крунисувањето на кралот Чарлс во сабота, кога на улиците на Лондон треба да се соберат голем број луѓе, а на свечената церемонија ќе присуствуваат и лидери на држави ширум светот.
„Многу сум задоволен што полицијата реагираше неверојатно брзо, неверојатно професионално на синоќешниот инцидент“, изјави министерот Тугенхут.
Ниту кралот Чарлс ниту неговата сопруга Камила не биле во палатата во моментот на инцидентот, соопшти Бакингемската палата.
Палатата претходно соопшти дека церемонијата на крунисувањето на кралот Чарлс Трети во сабота ќе биде највеличественото славење некогаш видено во Велика Британија и дека тоа ќе даде економски поттик на нацијата.