Земјите од регионот имаме иста стратешка цел, членство во Европската Унија, рече министерот за локална самоуправа Ристо Пенов за време на состанок со делегација од Институтот за локална самоуправа на Косово.
– За земјите од регионот заеднички именител е европската перспектива и на тој пат најважно е да покажеме прво внатрешна стабилност и стабилност на регионот. Соработката меѓу земјите, меѓу институциите и меѓу граѓаните е првиот и најважен чекор преку кој ја манифестираме нашата зрелост како регион, додаде тој.
Пенов ја поздрави одлуката на Европскиот парламент за либерализација на визниот режим за косовските граѓани.
– Северна Македонија го отпочна процесот на отворање на преговарачката рамка. Скринингот од страна на Брисел е во тек. Се надеваме на целосно отворање на преговорите, што е услов за политичка, економска и социјална стабилност и за развој на државата, рече Пенов.