Трамп за судењето за силување: Штета е што ова се случува на богата личност како мене

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп од своето одморалиште во Ирска ја коментираше судската постапка против него за наводно силување.

Тој тврди дека станува збор за „политички напад“ заснован на „лажни обвинувања“.

Поранешната новинарка Е.Џин Керол (79) го обвини Трамп дека ја силувал во соблекувалната на стоковна куќа во Њујорк во средината на 1990-тите.

Трамп досега не присуствуваше на судењето, но рече дека можеби ќе се појави во судницата.

„Веројатно ќе присуствувам (на судењето) и мислам дека е срамота што е дозволено ова, лажни обвинувања против богата личност или во мојот случај против позната, богата и политичка личност“, рече тој, според Скај њуз.

Керол веќе сведочеше на судењето што започна минатата недела пред федералниот суд во Њујорк.

„Тука сум затоа што ме силувал Доналд Трамп, а кога пишував за тоа, тој лажеше и рече дека тоа не се случило. Лажеше и ми го уништи угледот. Тука сум да се обидам да си го вратам животот“, рече таа.

За време на три дена сведочење и интензивно вкрстено испрашување, таа рече дека Трамп ја закачил за ѕид пред да ја силува во 1995 или 1996 година.

„Додека седам овде денес, сè уште го чувствувам тоа. Тој ми оневозможи никогаш повторно да имам романтичен живот“, додаде таа.

Трамп денеска повтори дека е „лажно обвинет“.

„Се враќам во Њујорк. Бев лажно обвинет од таа жена, немам поим која е – тоа е смешно”, нагласи тој.

Тврди дека мора да го прекине престојот во Ирска поради судењето.

„Ќе се вратам порано бидејќи една жена даде тврдење што е целосно лажно. Таа е лажна…таа е демократ“, продолжи тој. Најави дека ќе се врати и ќе се соочи со таа жена и дека нејзиното обвинување за силување е политички мотивирано.

„Ова е политички напад. Само така мислат дека можат да победат на изборите затоа што Бајден губи“, смета Трамп.

Треба да знаете
Последни објави