Кошаркарите на Реал Мадрид успеаја да направат втор „брејк“ во Белград против Партизан, откако славеа со 78-85 во четвртфиналето на Евролигата. Со овој резултат, серијата ќе се решава во „мајсторка“ во Мадрид. Партизан не ги искористи двете победи на гостински паркет, па така ќе мора повторно да слави во Шпанија за да избори место на „фајнал-фор“ турнирот.
„Кралевите“ отворија одлично, многу рано во натпреварот дојдоа до двоцифрена предност која достигна максимални +14 во првиот период. Српскиот тим успеа да се консолидира, а следеше и пад на концентрацијата на Реал, па разликата се смали. Партизан во финишот на полувремето дојде до целосен егал и на одмор се замина со 42-45.
Во продолжението се играше кош за кош, Шпанците немаа сили за пак да се одлепат и домашните во два наврати првпат минимално поведоа. Последниот период тргна со предност на Реал од осум поени, ама Партизан пак бргу се освести и се врати во натпреварот.
Јасно беше дека следи драма во „Штарк Арена“. Предноста на шпанскиот колектив беше минимална, во завршните минута и половина се влезе со два поени плус, а на влезот во последната минута Таварес погоди двојка и реализира дополнително слободно фрлање (78-83). Партизан не успеа да погоди тројка за враќање во натпреварот, па во следната акција Реал даде клучни поени со кои ја избори победата.
Најефикасните кошаркари на натпреварот беа од поразениот тим. Зак Ледеј со 25 поени беше прво име кај Партизан, а Папапетру додаде уште осумнаесет. Адам Ханга беше најефикасен кај Реал Мадрид со 15 постигнати поени.
Во решавачкиот дуел Реал Мадрид ќе ја има предноста на домашен терен, за Партизан добра вест е што се враќа Кевин Пантер по одлежаната суспензија. Од друга страна, важниот играч на Реал, Габриел Дек се повреди во самиот финиш , а тој во солзи го напушти паркетот со помош на персоналот на Реал и повеќе не се врати.
– Еден скок ја реши играта. Не одигравме паметно, а ќе видиме дали ќе успееме да промениме нешто пред петтиот натпревар, изјави по натпреварот тренерот на Партизан, Жељко Обрадовиќ.
Before the game in Belgrade…
We would like to extend once again our heartfelt condolences to the victims and families🙏🇷🇸 pic.twitter.com/y5tjSFSzZu
— Turkish Airlines EuroLeague (@EuroLeague) May 4, 2023
За жал, многу емотивно беше во белградската Штарк Арена пред почетокот на натпреваротпоради страшната трагедија која ја потресе Србија, масакрот во белградското основно училиште во кој ученик уби осум соученици и училишно обезбедување.
Кошаркарите на Партизан настапија во целосно црна опрема, а пред натпреварот носеа црни маички со натпис на основното училиште „Владислав Рибникар“, каде се случи невидениот масакр во овој регион. Со исти маички излегоа и гостите од Мадрид.
Пред минутата молчење посебна порака прочита играчот на Партизан, Данило Анѓушиќ, а потоа и кошаркарот на Реал Најџел Вилијамс-Гос, поранешен играч на белградскиот клуб. После тоа на подот од салата паднаа бројни рози кои гледачите ги понесоа со себе на натпреварот.