Нашата цел е да овозможиме на македонските производители, да ги користат расположливите неповратни ЕУ средства за поддршка, истакна попладнево во Кавадарци, вицепремиерот Бојан Маричиќ, на презентацијата на ИПАРД програмата.
– Ме радува фактот што досегашните резултати покажуваат дека постои интерес за ИПАРД програмата и што има интерес за новата ИПАРД 3 програма, што низ вакви теренски активности ќе биде промовирана на македонските земјоделци. Ова е најдобар начин да се запознаете со можностите што таа ги нуди и зошто е важно секој расположлив европски фонд да го искористиме за подобрување на македонското земјоделство. Нашата цел е да овозможиме на македонските производители, да ги користат расположливите неповратни ЕУ средства за поддршка, за што поголем број од вас да бидат поконкурентни и да постигнат одржлив бизнис во земјоделскиот сектор, рече заменик претседателот на Владата за европски прашања.
Тој нагласи дека поддршката од ИПАРД, несомнено е голем поттик за развој на македонското земјоделство, а резултатите, додаде, се видливи на терен. Трактори, машини, опрема, фарми што го модернизираа своето производство, благодарение на овие средства и имплементацијата на ИПАРД програмата.
– Препознаени сме во ЕУ како лидери во регионот по искористеноста на средствата од ИПАРД 2 програмата, со висок процент на искористеност од 98 проценти. Затоа заслужено сме наградени од страна на Европската комисија со дополнителни 62 отсто неповратната ЕУ поддршка за новата ИПАРД 3 програма, 2021 – 2027 година. Тоа значи неповратни 97 милиони евра европски средства се ставаат на располагање за нови инвестиции, развој и модернизација на македонското земјоделство. Ова е нова страница во развојот на македонското земјоделство, кое ќе го зголемува извозот на македонските земјоделски производи на пазарот на ЕУ и ќе ни даде добра основа за многу повеќе и поголени структурни европски фондови, бидејќи тоа го носи членството во Унијата, нагласи Маричиќ.
Ова, според него е „потврда и најсилен доказ зошто сме и зошто треба да останеме на европскиот пат“.
– Вие сте тие кои треба да сте најголеми поддржувачи на интеграцијата во ЕУ, бидејќи најголеми придобивки и можности нуди европската земјоделска политика за вас. Придобивките кои ги добиваме со членството во ЕУ се огромни во сите сектори, а конкретно за земјоделците, тоа значи, слободен пристап на единствениот пазар на ЕУ. Тоа значи дека нашата држава ќе биде дел од Европската економска зона и од единствениот пазар на државите членки на ЕУ, со што се отвораат нови можности за македонските производители.
Ќе можете да регистрирате и заштитувате земјоделски производи, кои се веќе регистрирани и заштитени со национални ознаки на потекло, географско потекло или гарантиран традиционален специјалитет, рече Маричиќ.
Вицепремиерот се осврна и на пристапот до значаен дел од фондовите на ЕУ, кои ќе бидат на располагање за финансирање на руралниот развој, со кои македонските земјоделци ќе имаат можност за полесно модернизирање на земјоделството и производство на многу поквалитетни и поконкурентни производи.
-Отворен пазар за произведената македонска храна. Подобрен квалитет и хигиена на храната, 100 проценти безбедна, сигурна и конкурентна на европскиот пазар. ИПАРД е успешна европска приказна. Подготвени сме да ја продолжиме оваа успешна приказна со ИПАРД 3, со зголемени неповратни европски средства, за уште поголеми инвестиции и модернизација на македонското земјоделство. На добар пат сме и верувам дека ќе успееме во нашите намери и преку веќе планираните теренски активности, до крајот на 2027 колку што трае и ИПАРД 3, ќе ја исполниме нашата цел и ќе бидеме целосно подготвени и усогласени со европската земјоделска политика, нагласи вицепремиерот, во присуство на кавадаречкиот градоначалник, претставници на телото со управување на ИПАРД и претставници на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Телото за управување со ИПАРД при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, започна со организирање на промотивна кампања, со цел запознавање и доближување на можностите за користење на средствата од ИПАРД програмата, до потенцијалните корисници.
На настанот беа промовирани мерки, пред заинтересирани потенцијални корисници на поддршка од оваа програма. Инвенстиции во основни средства на земјоделските стопанства, инвестиции во изградба на фарми, набавка на трактори и земјоделска механизација, инвестиции во преработка на сопственото земјоделско производство, подигање на нови насади и слично. Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски производи, изградба на преработувачки капацитети млекари, кланички капацитети, мелнички капацитети, производство на месни производи, винарии, преработка на овошје и зеленчук, опремување со машини и опрема. Диверзификација на фарми и развој на бизниси во рурални средини, поддршка на сите производни капацитети од сите дејности, што се лоцирани во рурални средини.



