Вишиот суд во Белград на таткото на Коста Кецмановиќ кој уби осум ученици и чувар на училиштето „Владислав Рибникар“ му одреди 30-дневен притвор, соопшти судот.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, притворот му е одреден поради „постоење на посебни околности кои укажуваат дека може за краток временски период да го повтори кривичното дело, како и поради тоа што за кривичното дело што му се става на товар е предвидена казна затвор над десет години, а начинот на извршување и тежината на последиците од кривичното дело доведоа до вознемиреност на јавноста која може да го загрози непреченото и правично водење на кривичната постапка“.
Од Вишото јавно обвинителство во Белград претходно соопштија дека денеска е сослушан таткото на момчето и дека ќе му предложат притвор.
Обвинителството соопшти дека таткото е обвинет за тешки кривични дела против општата безбедност и изјави дека на рочиштето негирал дека го сторил делото и дека детално ја изнел својата одбрана.
-Постои сомневање дека синот го обучувал за ракување со огнено оружје и муниција така што го однел во стрелачки клуб да вежба гаѓање цел со огнено оружје и покрај тоа што детето има 13 години и таквата активност и обука очигледно не се соодветни за неговата животна возраст“, изјавија од обвинитеството.
Осомничениот, како што се товари, „не обезбедил услови за безбедно сместување и чување оружје и муниција за да не можат да дојдат во сопственост на неовластени лица, односно да се заклучени и посебно одделени во сефови, каси или слични ормари што не може лесно да се отвори. Се сомнева дека поради ваквите негови дејствија на 3 мај неговиот син успеал да дојде во посед на пиштолите „ЦЗ сенка“ и „Ругер МК“ за кои таткото има дозволи од надлежен орган, а кои се наоѓале во неправилно обезбеден метален сеф во плакар во холот на станот, се вели во соопштението.
Вишото јавно обвинителство потсети дека детето не одговара кривично според важечките прописи, бидејќи не наполнило 14 години и дека е сместено на опсервација во соодветна психијатриска установа за деца и младинци.

Владимир Кецмановиќ на 12-годишна возраст го однел синот на стрелиште и заедно со него тренирал „Ерсофт“, односно воено-тактички симулации.
Тренингот „Ерсофт“, исто како што е случајот со „пејнтбол“ активностите, нема старосна граница и вклучува симулирање битки со автентично оружје и воени тактики. Во тренинзите се користат пиштоли и пушки кои се одлични реплики на вистинско оружје, а се наполнети со топчиња од 6 мм направени од пластика. За време на тренингот се користи системот на честа, односно играчите се потпираат на меѓусебната искреност и подготвеност да признаат дека се погодени, бидејќи топките не оставаат препознатлив белег на површината.
Експертите на локалните медиуми наведуваат дека Коста бил навистина добро трениран и дека тоа го совладал не на стрелиштето, туку на споменатите тренинзи. Стекнатите вештини ги искористил за масакрот.
Таткото, познат лекар од Белград, на својот Фејсбук профил прикачувал фотографии од тренингот на „ерсофт“. Следел и неколку страници посветени на „airsoft“, како и различни полигони за стрелиште.
На фотографиите тој е во целосна воена опрема – лажни воени униформи, и со верни копии на оружје во рацете.
Во еден момент решил да го вклучи и својот син во своето хоби, но она што требало да биде времето поминато заедно меѓу таткото и синот се претворило во еден од алатките за извршување на страшен масакр.



