ВМРО-ДПМНЕ: Дебарца и Кичево се тотално запоставени од страна на централната власт

„Денес сме овде во Дебарца, тука сме во Требеништа и Горенци, па во Мешеишта и Волино. Оттаму ќе ги посетиме и населените места Белчишта, Ботун и Злести и за крај ќе завршиме со посета на Лешани и Велмеј”, истакна пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Мирче Аџиоски при денешната теренска активност на ВМРО-ДПМНЕ насловена „Ова е Македонија за сите”.

Тој посочи дека комплетно е изгубена надежта на граѓаните за подобро утро.

„Она што може да се забележи од овие посети од населението е тоа дека комплетно е изгубена надежта за подобро утро и довербата во државата затоа што сите ние што живееме во Република Македонија се соочуваме со истите проблеми на нефункционирање на системот и комплетно разрушен систем”, истакна Аџиоски.

Аџиоски рече дека излез од оваа апатија е секако да се организираат избори и избори на кои ВМРО-ДПМНЕ убедливо ќе победи.

„Живееме во заробена држава во која нема учебници за учениците, нема лекови за болните, нема доверба во правосудството бидејќи секој ден ги гледаме скандалите кои излегуваат на површина, нема доверба во полицијата наместо таа да ги гони криминалците таа ги заштитува”, кажа Аџиоски.

Исто така средба со граѓаните имаше и генералниот секретар и пратеник од ВМРО-ДПМНЕ Ѓоргија Сајкоски во регионот на Рабетинска река.

„Денес ја продолживме теренската посета во регионот на Рабетинска река тука сме во Орланци. Со жителите од овој регион исто така ќе продолжиме и за Белица и Козица. Меѓутоа од разговорите со жителите и од она што можевме да го видиме и ако има голем број на ентузијасти, луѓе кои што сакаат да останат да живеат тука, имаат повратници од странство кои што се тука, условите за живот се сѐ потешки. Ние може да констатираме дека тука во овој регион се живее како во 19-ти век. Локалната самоуправа на Кичево не сака да изведе ниту еден проект за овој регион”, нагласи  Ѓорѓија Сајкоски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник при средба со граѓаните од теренската активност на ВМРО-ДПМНЕ наречена „Ова е Македонија за сите”.

Сајкоски додаде дека во регионот каде што имаше средби со граѓани укажа дека нема улици, нема улично осветлување, нема ниту вода за жал иако кон градоначалникот од месната заедница од целиот регион на Рабетинска река се има поднесено безброј барања за реконструкција на пат, за изградба на подобра водоводна мрежа, за подобрување на условите за живот сепак нема одговор од градоначалникот на Кичево.

„Жално е што ние што денес во 21 век имаме полни усни со Европа и зборуваме за Европа меѓутоа тука не се донесени тие вредности туку се работи на уништување и на она што досега го изградиле овие вредни жители од овој регион”, појасни Сајкоски.

Тој нагласи дека дојде време кога треба да се крене гласот и ќе се крене за многу брзо, ќе се смени се и ќе се изградат нови вредности.

Треба да знаете
Последни објави