Европска куќа отворена во Битола

Евроамбасадорот Дејвид Гир и градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, денес во Офицерскиот дом официјално ја отворија Европската куќа (Europe House) во Битола. Со отворањето се означува почетокот на активностите на Денот на Европа 2023 на Делегацијата на Европската унија. Градоначалникот Коњановски, нагласи дека на овој начин се создаваат подобри можности за развој на креативниот потенцијал на младите луѓе, преку стекнување на европски искуства и континуирана соработка:

„Европската иднина на нашиот град можеме да ја изградиме само преку создавање на подобри услови и нови можности во кои креативниот потенцијал на младите луѓе ќе продолжи да се развива, надградува и насочува кон реализација на нови идеи и проекти значајни за Битола. Во пресрет на Денот на Европа, како што најавивме пред неполни 3 месеци, денес ја отвораме „Куќата на Европа“ во Битола, затоа што веруваме во потенцијалот на нашите млади, во нивниот ентузијазам со кој ќе продолжат да ги градат вредностите, донесувајќи ја Европа во Битола, собирајќи го европското искуство, без да заминуваат низ европските земји.

Благодарни сме, што Европската унија е наш поддржувач во реализацијата на многу европски проекти и верувам дека ова е уште еден начин, на кој што сите заедно ќе продолжиме да чекориме кон иднината, преку поврзување на минатото и сегашноста во функција на денешните потреби на нашите граѓани.

„Europe House”, очекувам да биде новиот дом од кој ќе произлезат многу дискусии и идеи кои ќе гарантираат напредок за младите генерации.

Со многубројните културни настани, докажавме дека, Офицерски дом, може да биде успешна приказна за промоција и развој на културното наследство.

Преку „Куќата на Европа“ очекувам нашите заеднички заложби и соработка да се претворат во успешни придобивки за младите генерации, кои ќе продолжат да ја градат Европската перспектива на Битола.

Посакувам успешна работа на „Europe House“ во Битола.

Нека ни биде среќно и успешно!“, рече градоначалникот Коњановски во своето обраќање пред медиумите.

Отворањето на Europe House вклучува повеќе активности. Започна со работен состанок и дебата со студентите од Правниот факултет при Универзитетот „Св.Климент Охридски“, а продолжува на Широк Сокак, Магаза и Пацио каде што ќе бидат отворени две изложби. Програмата завршува со концерт на локални бендови на платото на Офицерскиот Дом и диџеј сет во Бар Јагода.

Треба да знаете
Последни објави