Димитров: Европското знаменце на законите е за одење кон ЕУ, а не за рикверц

Делегацијата на Европската Унија е против европско знаменце на законите поврзани со коридорите 8 и 10д. Логично, знаменцето е за кон ЕУ, не е за рикверц. Знаменцето служи за олеснување на усогласување на домашните закони со европските стандарди, а не за нивно газење. Како и целата прилично гротескна “проевропска” реторика на владата, со оглед на владеењето дома, така и знаменцето, всушност се злоупотребува. И тоа крајно грдо. Од една позиција небаре не сме суверена држава, па ќе го суспендираме цел правен систем за градењево, да се злоупотребува ЕУ знаменцето не е ништо друго туку понижување. И на ЕУ и уште поважно, на сопственото граѓанство, вели поранешниот шеф на дипломатијата Никола Димитров во својот Фејсбук статус.

Владата вчера усвои измени на пет закони поврзани со изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10д и ги достави до Собранието со европско знаменце. Целта, како што образложи, е да се овозможи усвојување на законските измени што се блокирани во Собранието, како и да се забрзат процедурите и да се намалат роковите заради ефикасност и економичност во изградбата.

Реакции за ставањето европско знаменце на законите упатија од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кои тврдат дека со тоа власта сака без дебата да ги донесе законите, а Делегацијата на Европската унија во државава се изјасни дека тоа не е согласно европските стандарди и најави дека ќе бара дополнително објаснување. Критики упатија и синдикатите, кои во измените со кои се дефинира прекувремената работа при ангажман во проектот гледаат воведување 72-часовна работна недела и експлоатација на работниците.

Треба да знаете
Последни објави