– Реформите во образованието и дигитализацијата се две од најважните области за развојот на нашата држава, во денешно време, кога се соочуваме со бројни предизвици и промени, неопходно е да ги подобриме нашите образовни системи и да ги интегрираме новите технологии во нашите училници. Токму затоа ја усвоивме и Декларацијата за реформи во образованието, истакна новоизбраната претседателка, Јелена Мишиќ, на денешниот 16-ти Конгрес на Либерално-демoкратската младина „ЛИДЕМ“.
– Нашата визија е да го развиеме концептот за неформално образование и да го претвориме тоа во секојдневна практика, бидејќи сметаме дека тоа е клучното за подобрување на вештините и знаењата на нашите ученици и студенти. Исто така, ние сметаме дека е најважно да ги интегрираме маргинализираните групи во нашиот образовен систем и да ги заштитиме нивните права. Затоа, ќе се бориме за законски прописи кои ќе ги заштитат и правата на ЛГБТИ заедницата во нашата земја, но и истополовите заедници. – рече Мишиќ.
За ЛИДЕМ е значајно младинското учество но и социјалното претприемништво како начин за подобрување на Македонија.
– Ние ќе продолжиме да го поддржуваме и да ги инвестираме во иницијативи кои ќе подобрат условите за младите луѓе и кои ќе ги охрабруваат да станат активни учесници во нашата заедница, додаде ново избраниот генерален секретар на ЛИДЕМ, Саше Јаневски.
За младите либерали булингот е сериозен проблем во училиштата и неопходно да се земат превентивни мерки за да се намали тој, а поради неодамнешните случувања во соседна Србија до Владата планираат заедно со ЛДП и да достават предлог за чекори кои се потребни.
Претседателката на ЛДП Моника Зајкова им посака успех на младите и очекува од нив постојана и неуморна заложба.
– Со новото раководство на ЛИДЕМ, очекувам натамошна постојана и неуморна заложба за исполнување на целите на младите кои се предуслов на здраво и напредно општество. Квалитетно образование, висок студентски стандард, унапредување на демократските стандарди, не-дискриминација, почитување и промоција на родовата еднаквост, слобода на движење. дигитализација, отвореност за идеите и концепти за младите, истакна Зајкова на Конгресот на ЛИДЕМ.
Таа додаде да бидат обединети, храбри и гласни и сите заедно да градат политики за подобар стандард на младите, подобар животен стандард на сите граѓани, за земјава да стане европска држава која ќе се движи либерално кон ЕУ.