Фудбалерите на Реал Мадрид го освоија Купот на шпанскиот крал по 20-ти пат во историјата, со победа во финалето на преполниот стадион „Ла Картуха“ во Севиља над Осасуна со 2:1.
Првиот трофеј во најмасовното домашно натпреварување по девет години му го донесе на Реал Бразилецот Родриго, со головите во 2. и 70. минута.
Осасуна, поддржана од дури 30.000 навивачи од Навара, кои обоија половина стадион во црвено, беше тврд орев за „кралскиот клуб“, а израмнија во 58. минута со силен и прецизен удар на Лукас Торо од работ на казнениот простор.
Реал, сепак, имаше поголемо искуство, но и индивидуален квалитет, пред се во Винисиус, чии пробивања по левата страна му претходеа и на првиот и на вториот гол.
Барселона се уште е недостижна со 31 трофеј во Купот, додека и Атлетик Билбао (23) е пред Реал.
Кога станува збор за шпанското првенство, редоследот е поинаков – Реал на првото место има 35 титули, Барселона на второ место со 26, Атлетико Мадрид со 11, а Атлетико Билбао со осум …
Инаку, вечерва Реал стана првиот шпански клуб во историјата кој освоил – точно 100 трофеи.
Една четвртина од таа бројка – 25 освои Карим Бензема, кој се израмни со Бразилецот Марсело на листата на најтрофејни играчи на мадридскиот клуб во историјата.