Панел дискусија на тема „Македонската полиција – столб на граѓаните и на државата”, по повод 7 Мај – Денот на македонската полиција

Вчера (07.05.2023), во Охрид, на сцената на Долни Сарај, во рамки на  централната манифестација по повод 7 Мај – Денот на македонската полиција, беше одржана панел дискусија на тема „Македонската полиција – столб на граѓаните и на државата”, на која беа презентирани стратешките планови и цели, достигнувањата на МВР и полицијата во изминатиот период, како и реализираните активности во насока на родовата еднаквост, меѓународната етаблираност и препознатливост на македонската полиција во регионот и пошироко.

На овие теми, во улога на панелисти, дискутираа заменикот министер за внатрешни работи м-р Назим Буши, државната секретарка во МВР м-р Магдалена Несторовска, директорот на Бирото за јавна безбедност м-р Сашо Тасевски и деканот на Факултетот за безбедност проф. д-р Никола Дујовски.

Заменик министерот за внатрешни работи Назим Буши, говореше за најзначајните стратешки одлуки на раководството на МВР, за тоа кои се придобивките од реформите кои се спроведуваат во МВР и кои се приоритетите за развој на министерството во наредниот период.

„Поаѓајќи од основната премиса на секое демократско општество во кое институциите постојат за да бидат сервис на граѓаните, без разлика на нивните политички определби, верски или било кои други, ние како Министерство за внатрешни работи сме определени да воспоставиме стратешки план за нови и модерни стандарди за потполна реализација на целта на нашата институција, која беше, е и ќе остане ‘Сервис и грижа за сите граѓани на Република Северна Македонија’. Од сегашна гледна точка со стратешки планови може да заклучиме дека МВР, заедно со сите нејзини организациони единици, сега е етаблирана со многу успех не само како  прв партнер во служба на граѓаните, но како и надворешен партнер и многу почитуван, ангажиран на активен начин во еден голем број на активности, регионални и меѓународни асоциации и проекти, во речиси сите сфери на безбедноста. Вреди да се спомне дека Министерството за внатрешни работи во рамки на материјално-техничките подобрувања на условите за работа на вработените припадници на полицијата, 78 објекти на секторите за внатрешни работи се претворени во еколошки објекти”, истакна Буши, додавајќи дека за време на овие години се докажа дека со капацитетот и интегритетот полицијата на Република Северна Македонија е достојна да биде рамноправен партнер на полициите на земјите членки на Европската Унија, за што зборува и почетокот на Заедничката операција ФРОНТЕКС (Европска агенција за гранична и крајбрежна стража) во Република Северна Македонија, операција која ќе трае до 24 јануари 2024 година, со можност за продолжување.

Државната секретарка при МВР, Магдалена Несторовска, говореше во поглед на родовата рамноправност и правичната застапеност, а за која рече дека во последниве години многу работи се придвижени напред во Министерството за внатрешни работи, како во поглед на зголемување на бројот на жени на раководни позиции, со раководителки на Оддели, помошници директорки, началнички, командирки на полициски станици или на полициски одделенија, така и со жени кои се вклучени во Одделот за специјални полициски операции, поточно во Единицата за брзо распоредување, Специјалната антитерористичка единица „Тигар” и Хеликоптерската единица, што порано не беше случај.

„Покрај ова, успеавме родовата перспектива  да ја интегрираме во законите, подзаконските акти и интерните акти на МВР. Така, се гордееме со фактот дека Колективниот договор на МВР, донесен во 2021 година,  е прв колективен договор во државната управа во РСМ во кој се употребува родовиот речник и терминологија, што е уште еден показател за напорите на МВР за подигање на степенот на родова рамноправност. Во него се предвидени и низа новини кои ги усвоивме заедно со репрезентативниот Македонски полициски синдикат, кои ќе придонесат за подобрување на материјално-социјалните услови на сите вработени. Особено сме горди на паричниот надомест за жените вработени во МВР кои ќе се реализираат како мајки,за секое новородено дете. Исто така, за одбележување е што меѓу нормативните новини во овој колективен договор се надоместокот за ментори за успешно спроведена менторска програма, јубилејната награда за работен стаж од 10 години во МВР, и  финансиски надомест за домашно дежурство. Ова се мерки кои важат за сите”, истакна Несторовска, порачувајќи дека за ова раководство на МВР нема дилема дека  безбедноста е полово неутрална професија, која не треба да се гледа низ призмата на традиционалните уверувања и поделби.

Директорот на Бирото за јавна безбедност, м-р Сашо Тасевски, во својата дискусија потсети на најважните постигнувања на полицијата, успехот во борбата против криминалот, безбедноста и заштитата на граѓаните и на државата.

„Професионална полиција подразбира доследно почитување на Законот, усогласување на правната легислатива и воспоставување на цврста правна рамка, а во таа насока, направени се измени на Законот за внатрешни работи. Со најновите измени е предвидено  воведување тест за професионален интегритет, тест за интегритет при вработување, како и департизација и деполитизација на полицијата. Со измените донесени во Законот за полиција се обезбеди независност на полицијата, давајќи му исклучителна надлежност на директорот на Бирото за јавна безбедност при издавање оперативни наредби. Зајакнати се капацитетите за водење на истраги со формирање на организациски единици со посебна надлежност и овластувања во делот на истрагите.  Истовремено, се обезбеди системски пристап во водењето и на финансиските истраги, со зајакнување на капацитетите и остручување на полициски службеници за специфични задачи и обезбедување на докази”, истакна Тасевски, додавајќи дека раководството на МВР продолжува одговорно и посветено да ги исполнува европските стандарди во полициското работење.

Деканот на Факултетот за безбедност, проф. д-р Никола Дујовски говореше за тоа каде на мапата на светските полициски служби се наоѓа македонската полиција и колку се значајни чекорите кои во изминатиот период се преземаа за промовирање на различните модели на полициско работење во демократското опкружување во кое се развива општествениот систем во Република Северна Македонија.

„МВР и македонската полиција се столбот на нашата државност, гарант на мирот, безбедноста и стабилноста, промотор на европските вредности во општеството. Во изминатите години, полицијата се постави како силен и доверлив партнер на меѓународната заедница, гради особено интензивна соработка со сите земји во регионот и во Европа, но и со бројните меѓународни полициски здруженија и асоцијации. Големо признание и чест е што токму нашата полиција е домаќин на јубилејната 50-та конференција на ИНТЕРПОЛ, но и доказ за добрите практики и политики кои го направија МВР почитувана и призната институција и дома и во светот. Благодарение на посветено работење, правилните и навремени одлуки, модерниот пристап на полициско работење, Северна Македонија е најбезбедна земја во регионот и меѓу најбезбедните држави во Европа. Само со континуирани и добро обмислени активности, полицијата ќе продолжи да биде двигател на позитивните промени во нашето општество и најпочитуваната институција во која граѓаните имаат силна доверба”, истакна Дујовски.

Треба да знаете
Последни објави