Гневна толпа го спречила рускиот амбасадор во Полска, Сергеј Андреев, да положи венец на воените гробишта на советските војници во Варшава на Денот на победата, пренесува РИА-Новости.
Неколку стотици демонстранти го чекаа амбасадорот од утрото, а претходно пред Mавзолејот на советските војници поставија украински знамиња и симболични гробови со имињата на украинските цивили кои загинаа во војната во Украина – меѓу кои има и деца – облеани со црвена боја.
Рано утринава активисти од иницијативата „Евромајдан – Варшава“ пуштале звуци од сирените и бомбардирањата на украинските градови во населба во која што живеат руски дипломати.

Толпата ја опколила руската делегација која пристигнала на гробиштата на церемонијата утринава и побарала од Андреев и од другите во делегацијата да ги тргнат лентите на Свети Ѓорѓија, кои во Русија се симбол на победата во Втората светска војна.
Амбасадорот одбил да ја симне лентата и морал да ги напушти гробиштата без да положи венец. Во изјавата за РИА, Андреев рекол дека не бил повреден за време на инцидентот.
„Овој пат јасно е дека имаше прецизна директива, а полицијата не опколи, па демонстрантите не стигнаа до нас“, рече шефот на дипломатската мисија.
На видеото објавено од РИА-Новости е снимен моментот кога Андреев бил опколен од демонстранти кои извикувале антируски слогани. На гробиштата е забележливо големо медиумско присуство, а локалните новинари очигледно очекувале инцидент.
Според Андреев, тој му се обратил на висок полициски службеник на церемонијата со прашање дали тоа што се случува е во согласност со законот.
Полицискиот службеник му рекол дека „се случува е официјален настан санкциониран од кабинетот на градоначалникот“, дека демонстрантите не го кршат законот, и му советувал да си замине и да се врати во друга пригода.
Андреев истакна дека оваа непријатна епизода нема да ги исфрли од колосек руските дипломати.
„Без разлика какви провокации приредуваат нашите злонамерници, ова секогаш ќе биде наш празник, ова е наша победа и победата секогаш ќе биде наша“, истакна рускиот амбасадор.
Претходно утринава, шефот на Бирото за меѓународна политика во кабинетот на полскиот претседател, Марчин Пжидач, изјави за ТВН24 дека полдските власти ја сметаат желбата на Андреев да положи цвеќе на спомен-гобиштата за „провокација“ и изрази надеж дека тоа нема да се случи.
Пжидач, исто така, не ја исклучи можноста за меѓусебно отповикување на амбасадорите со Русија во блиска иднина.
Минатата година Андреев беше нападнат и полеан со црвена боја додека се обидуваше да им оддаде почит на советските војници кои ги загубија животите ослободувајќи ја Полска.
Во операциите за ослободување на Полска од германската окупација на крајот на Втората светска војна, според проценките на историчарите, загинале околу 660.000 советски војници, во соседна Чехословачка околу 150.000.
Претседателот на Чешката Република, Петр Павел, во понеделникот им оддаде почит на паднатите советски војници и апелираше Чесите да се сеќаваат на нив и да не им ја префрлаат вината за она што Русија го прави денес, бидејќи благодарение на паднатите советски војници, Чесите денес живеат нормално во слобода.