Новиот претседател на Судски совет, Сашко Георгиев, само што седна на столчето за раководење, реши да ги исклучи камерите од медиумите за да не снимаат што се зборува и дискутира.
Георгиев тврди дека одлуката е едногласна донесена на колегиум за време на кратката пауза која ја даде, но експретседателката Весна Дамева реагираше дека таа не била повикана и дека е против исклучување.
„За јавноста пред се и за сите нас, ќе споменам само дека од краткиот колегиум кој го имавме сега со колегите, а особено по однос на точката на дневен ред каде ќе расправаме по преставки и поплаки од страна на граѓаните и правните лица, по однос на работењето на судиите – јавноста ќе остане тука присутна, а камерите можеме да завршиме и да ја напуштат седницата. Тоа е едногласна одлука од страна на колегиумот кој го имавме. Се во врска со работењето, условите за работењето, а воедно и за точката на дневен ред каде ќе дискутираме за поплаки и преставки од граѓаните под однос на работењето на судиите. Јавноста е присутна, но камерите ве молам ќе мора да не оставите да работиме“, рече Георгиев.
Реагираше Дамева.
„Извинете претседателе јас не знаев дека има колегиум. Јас не бев повикана на колегиум, морам да реагирам. Меѓутоа, ако тоа е ваша едногласна одлука, во ред“, рече Дамева.
По ова, одново Георгиев ги праша колегите дали да се исклучат камерите, а од член на Советот имаше само реакција да се продолжи со работа без произнесување.
„Значи колеги да не излезе дека ова е од претседателот, јас само пренесувам заклучоци од Судскиот совет. Дали нешто е спорно за вас од ова?“, праша Георгиев.
Камерите беа исклучени.
Претходно, имаше дискусија.