Ковачевски се сретна со Блинкен во Вашингтон

Владеењето на правото и борбата против корупцијата биле дел од темите на кои разговарале американскиот државен секретар Ентони Блинкен и премиерот на Македонија, Димитар Ковачевски, кој е во работна посета на Вашингтон. Премиерот во интервју за „Гласот на Америка“ истакна дека се донесени голем број закони во оваа област, но тие треба да се унапредат. Ковачевски индиректно ја спомена и можноста за ветинг во правосудството.

-Пред се тука мислам на зголемување на транспарентноста на целокупниот правосуден систем, којшто е независен, меѓутоа сепак тој се состои од поединци и низ една транспарентност треба да се идентификува кои се тие коишто имаат подобри перформанси, а кои имаат пониски перформанси, за да може да се унапредат или да бидат заменети, рече Ковачевски.

Како што соопштија од владината прес-служба државниот секретар Блинкен порачал дека САД цврсто стојат до Северна Македонија. Блинкен истакнал дека земјава ќе има поддршка и во нејзините следни чекори што ќе придонесат за обезбедување просперитетна иднина во ЕУ. Од друга страна, Ковачевски во интервјуто изрази увереност дека доколку постојат политичка волја и храброст Македонија ќе се зачлени во Унијата до 2030 година и повика уставните измени да не бидат предмет на политички условувања.

Блинкен и Ковачевски зборувале и за енергетската независност, односно за проектот за гасоводот со Грција, но и за изградбата на коридорите. Во Вашингтон меѓу двете земји беше потпишан и Меморандум за стратешко партнерско во борбата против дезинформациите.

Треба да знаете
Последни објави