Мицкоски до Ахмети и ДУИ: Доста крадете и градите среќа на несреќата на народот, време е за пензија и опозиција

Точно  22 години ДУИ е на власт. 22 години тие не живеат за Албанците, туку живеат од нив. Градејќи кариери на некаков лажен мит, на некаква лажна борба, зад која се кријат лични интерес и на сметка на крадење на народот. Колку повеќе години власт на ДУИ и СДС во државата, толку помалку народ. 22 години ДУИ е дел од сите порази на Македонија. 22 години власт ДУИ е дел од сите афери, од сите скандали, од сите патења на народот.И затоа испраќам јасна и недвосмислена порака, тука од заедничкото Тетово, од народот до ДУИ и Ахмети: Доста е. До тука беше. Доста крадевте и градите среќа на несреќата на народот. Доста ја пиете крвта на народот кој се помалку го има. ВРЕМЕ е за пензија и опозиција. А тоа народот ќе ви го испорача на овие избори. Тоа народот ќе и го испрати во име на сите предавства, порази и неуспеси, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на трибината во организација на партијата насловена како Социјални политики против осиромашувањето и сиромаштијата што се одржува во Тетово во рамки на кампањата Ова е Македонија за сите.

Мицкоски посочи „ВМРО-ДПМНЕ ќе ве испрати во пензија и во неславниот дел од историјата заедно со народот”.

„Не е проблемот во нашата Македонија, ниту некој народ, ниту некоја заедница. Во Македонија проблем се криминалците ДУИ и СДС. И зошто ова го говорам. Затоа што со право народот е бесен и гневен. Погледнете низ полог. Села со се помалку светилки. Села со се помалку огништа по дворовите. Луѓето се иселуваат. Побарајте ја фабриката за автомобили во Тетово кои лани ја најавија. Празна ливада, фабрика нема. Тетово се уште мака мачи со вода за пиење иако е под Шара. Во Шипковица камче не е помрднато од последните поплави. Ниту едно шарпланинско населено место нема канализација, а повеќето немаат ниту пристапен квалитетен пат”, рече Мицкоски.

Според претседателот на ВМРО-ДПМНЕ иселувањето е еднаков проблем насекаде во Македонија.

„Бев во Битола, се помалку жагор по улиците. Денес сум во Тетово, се помалку народ во населените места. Насмевки веќе нема. Празни маала, празни куќи и станови. И Албанците страдаат подеднакво како Македонците.  Луѓето денес се иселуваат не само поради сиромаштијата, туку и се повеќе луѓе со добри или просечни примања ја напуштаат земјата затоа што не гледаат надеж, затоа што системот не фукнционира и затоа што го губат мотивот за живот во својата родна грутка поради сета немоќ и неспособност на власта и кликите кои владеат во Македонија”, рече Мицкоски.

Треба да знаете
Последни објави