Без органи телата пронајдени во масовните гробници на секта во Кенија

Обдукцијата на телата, пронајдени во масовните гробници во Кенија, кои се поврзани со верски култ, открија исчезнати органи, соопшти локалната полиција.

„Во извештаите од обдукцијата е утврдено дека на некои од телата на ексхумираните жртви им недостасуваат органи – изјави главниот инспектор Марин Мунене, пренесе „Ројтерс“.

Тој додаде дека трговијата со човечки органи била добро координирана и вклучувала неколку играчи. Првите обдукции објавени кон крајот на април и почетокот на мај покажаа знаци на глад, а во некои случаи и знаци на задушување.

„Повеќето од нив имаа знаци на глад. Немаше храна во нивните стомаци – изјави главниот владин патолог Јохансен Одур.

Досега од масовните гробници во шумата Шакахола во источна Кенија се извлечени 104 тела, главно деца, а спасени се 44 лица. Телата им припаѓаат на следбениците на сектата „Меѓународна црква на добрата вест“, чиј водач Пол Мекензи беше уапсен по дојава за постоење на плитки гробници.

Мекензи е во полициски притвор од 14 април заедно со уште 14 други осомничени членови на култот.

Ова е една од најлошите трагедии поврзани со секта во Кенија во поновата историја, а бројот на жртвите се очекува да се зголеми, имајќи предвид дека повеќе од 400 лица се пријавени за исчезнати.

Треба да знаете
Последни објави