Семејствата на загубените девојчиња стравувале да не се повтори Србија, тинејџерките им рекле: „Непотребно кренавте паника“

Околу осум часа траеше агонијата на родителите чии девојчиња се изгубија вчера во Скопје. Беа пронајдени доцна вечерта по 23 часот откако МВР ја потврди истата информација.

Според сведоштво на близок роднина на едно од семејствата на девојчињата, тие дошле на екскурзија за да го посетат „Саемот на книгата“ во главниот град. Се изгубиле околу 16 часот кога последен пат биле видени во друштво на нивните соученици во Веро Џамбо.

Таму наставничката им кажала дека имаат еден час можност да прошетаат и да разгледаат самостојно, и оттогаш на девојчињата им се губи секаква трага, раскажува роднината за „Макфакс“.

Според планираното тие требало да си заминат од Скопје во 16 часот, групата се собрала во 15.50, но двете ученички не се појавиле на договореното место. Наставничката чекала да се вратат а по извесно време пријавила и во полиција. Оттогаш започнала потрагата по нив, објаснува нашиот соговорник.

На социјалните мрежи синоќа беа споеделувани апели за помош и слики од местото каде последен пат беа видени двете тинејџерки.

Од МВР после неколку часовната потрага потврдија дека децата се пронајдени и се во добра здравствена состојба.

Тоа денеска го дообјасни и нашиот соговорник кој рече дека девојчињата не биле воопшто исплашени додека талкале низ скопските улици, понесени од желбата да го пронајдат местото каде требало да се вратат тие не ни размислиле да прашаат каде да се упатат, туку едноставно само се движеле по улиците.

„Тие си одат нормално си разговараат нормално меѓу себе, кажуваат дека не биле исплашени“, раскажува роднината.

„Зошто кренавте таква паника, ние имавме пари ќе си фатевме такси и ќе си дојдевме“, им кажале подоцна девојчињата на загрижените родите.

Соговорникот за „Макфакс“ додава дека децата носеле со себе телефони кои како што вели подоцна биле со испразнета батерија.

„Тоа се деца. Носеа со нив постари телефони и најверојатно додека патувале во автобусот ги користеле, по што им се испразнила батеријата и не можеле да се јават. Не може да ги обвините нив, затоа што се деца од село, кои никогаш не биле во Скопје и не го познаваат. Тие биле пред Веро Џамбо, таму наставничката им дала одреден временски период да шетаат самостојно и да разгледаат, но тие најверојатно сакале да одат во Трговскиот центар „Ист Гејт“ и потоа заталкале“, раскажува нивниот роднина.

Додава дека децата не биле исплашени и врз нив како што беше потврдено и од страна на полицијата нема забележано траги на насилство.

Траума и голем страв според него доживеале нивните семејства кои кога слушнале за случката се упатиле кон Скопје.

Тука беа мајките на двете девојчиња, тие тргнаа во 17 часот кон Скопје. Ги пребарувавме сите места на кои ни беше укажано дека децата се видени, бевме многу исплашени. Во тој момент сите имавме само едно во главата – Да не се повтори Србија“, раскажува роднината за „Макфакс“.

Децата беа пронајдени синоќа по 23 часот во скопската општина Кисела Вода.

Во тој временски период и родителите и роднините и наставничката како и многубројните граѓани, сите биле во исчекување на добри вести, раскажува тој.

Вели дека случката била огромен стрес за сите, но олеснително било тоа што настанот завршил добро.  Се заблагодари на големиот одзив на граѓаните кои на секаков можен начин се обиделе да придонесат во потрагата по изгубените деца.

„Не можам да ја заобиколам ниту огромната помош од страна на полицијата, тие беа во голем број и на секој можен начин се обидуваа да ги пронајдеме девојчињата. Тука беа и огрмниот број на граѓани кои споделуваа слики од сите можни места каде биле видени изгубените девојчиња па дури и ни помагаа да дојдеме до тие места“, раскажува роднината.

Треба да знаете
Последни објави