Стартува со работа Македонската берза на електрична енергија

Македонската берза на електрична енергија денеска официјално стартува со работа. Со домашната берза раководи Националниот оператор на пазарот за електрична енергија, МЕМО. Проектот е работен над пет години, а официјално заживеа по измените на Законот за енергетика во 2018 година, со што формално беше либерализиран и пазарот на електрична енергија, а законодавството во оваа сфера беше прилагодено на европското.

Досега 22 компании склучиле договори, а 20 од нив ќе имаат можност денеска да тргуваат со електрична енергија на берзата. Тоа се компаниите: СЕНТРАДЕ, ДУФЕРЦО МК, AOT МАКЕДОНИЈА, ЕЛНОР, ЕСМ ПРОДАЖБА, ГЕН-И, ТЕ-ТО АД Скопје, ИНТЕРЕНЕРГО, РЕС, МАКСТИЛ, ЕФТ, АД МЕПСО, ЕНЕРЏИ АКТИВЕ, ЕВН снабдување, ЕВН електрани, ОКТА, УНИВЕРСАЛ ЕНЕРЏИ, ЕДС, ЕТМТ ЕНЕРЏИ и АД ЕСМ. Интерес пројавиле и други компании, а со нив ќе се разговара во претстојниот период.

Стартувањето на домашната берза на струја ќе биде промовирано на денешиот настан, на кој ќе биде презентирано како со пазарот ден-однапред се обезбедува конкуренција за постигнување оптимални цени на електричната енергија, подобрување на користењето на енергетската мрежа и обезбедување на дополнителни можности за инвестиции во областа на обновливи извори на енергија.

На настанот е предвидено да се обратат, вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, заменик-амбасадорот на САД во Северна Македонија, Ерик Мејер, директорот на Секретаријатот на енергетската заедница, Артур Лорковски и управителот на МЕМО, Симон Шутиноски.
На панел дискусијата ќе учествуваат, Хуан Перез, стратешки директор на EPEX SPOT, Анже Предовник, генерален директор на BSP South Pool/ADEX Group, Јасмина Трхуљ, раководителот на Одделот за електрична енергија при Секретаријатот на енергетската заедница и управителот на МЕМО, Шутиноски.

Треба да знаете
Последни објави