Претседателот на Левица и пратеник во Собранието на Република Македонија, Димитар Апасиев, до Основниот граѓански суд – Скопје, преку неговиот адвокатски тим од Правниот сектор на Партијата, поднесе приватна тужба против собранискиот спикер Талат Џафери, заради извршена политичка дискриминација во врска со неспроведувањето на Иницијативата за референдум за т.н. Француски предлог за наводни преговори со ЕУ.
Тужбата, со која меѓудругото се бара и надомест на претрпена нематеријална штета во износ од 100.000 денари, следува откако Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) утврди директна дискриминација во случајот на Апасиев, кому како овластен предлагач на граѓанска иницијатива за распишување референдум на државно ниво, му беше ускратено уставното право на политичко дејствување и злонамерно беше ставен во понеповолна положба во однос на други предлагачи.
За разлика од сите досегашни процесуирани граѓански иницијативи, по кои постапувало македонското Собрание од осамостојувањето до денес (околу 20-на на број), иницијативата на Апасиев, како првопотпишан предлагач, не беше соодветно проследена до надлежните собраниски комисии и до парламентарниот пленум, онака како што тоа изрично го налага Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните и Деловникот на Собранието на РМ.
Претходно, проф. Апасиев иницираше и постапка за интердиктна заштита на слободите и правата пред Уставниот суд на РМ, која е во тек, а за конкретниов случај во скора иднина ќе биде иницирана и соодветна кривична постапка за сторено кривично дело „Повреда на рамноправноста на граѓаните”, казниво по чл. 137 од КЗ. Јавноста ќе биде благовремено информирана за првото закажано судско рочиште во оваа нова парница, иницирана против самоволието на собранискиот спикер.