Како на лента се повторуваат проблемите, истите стравови со кои власта опстојува во институциите. Тоа не е целата власт, туку неколкумина од нејзе, кои на државата гледаат како корпорација, бизнис зделка, каде главен директор е ДУИ, со подизведувач СДС. Тие неколкумина кои раководат со државата се едната иста клика, која го предизвикува истиот хаос кој го мачи народот. Имаме ДУИЗАЦИЈА на системот кој ни носи ДУИЗАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешната трибина во Штип во организација на партијата, а на тема Современи образовни политики.
Според него „тоа не е само политичко окупирање на институциите, туку еден извитоперен систем на невредности, на криминално однесување кое го труе системот и секоја здрава клетка”.
„Притоа храброста не им произлегува од тоа што се навистина такви, туку затоа што таа ДУИЗАЦИЈА со подизведувачот СДС го зафати и судството и обвинителството, кое пак им е гаранција дека нема да одговараат за криминал што го прават. Притоа секогаш кога ова јавно ќе го споделам тие одма дефокусираат прикажувајќи го како напад против Албанците. Ова не е напад против Албанците, туку напад кон оној мал број луѓе од таа каста кои ги крадат албанскиот народ исто како и македонскиот, а се нарекува ДУИ, со подизведувач СДС”, рече Мицкоски.
Овие денови, рече Мицкоски, морам да споменам почитувани штипјани најгласен е муабетот во одредени политички кулоари дека Ковачевски кој работи како помал бизнис партнер на ДУИ во Владата, веќе еднаш си поднел писмена оставка до Собранието.
„Па овие кои се многу свесни дека со падот на власта доаѓа и одговорност, многу жестоко го убедувале во спротивното. Талат и останатите од компанијата го убедувале да не си даде оставка, затоа што знаат дека од правдата нема бегање. Значи имаме премиер кој утрото се буди, попладнето си дава оставка, а вечерта се премислува затоа што на човекот тоа место му е подарено и не му се одговара толку брзо, па си вика, да се тргнам и да се спасам на време. Па еве од овде од Штип сакам да му порачам: Ковачевски не мачете се и престанете да ја тонете Македонија, дајте си оставка. Оставка на цела влада”, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.