Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на 12 и 13 мај, ќе присуствува во официјална посета на Босна и Херцеговина во рамки на неговите активности како Претседавач со ОБСЕ.
Во БиХ, Османи ќе оствари средби со државниот врв, претставници на Парламентот, претставници на граѓански организации, како и други партнери и соработници на ОБСЕ.
При посетата и разговорите со официјалните лица од БиХ, Османи ќе се осврне на насоката во која ќе се движи понатамошната соработка помеѓу ОБСЕ и БиХ, како и поддршката на приоритетните области за БиХ од страна на Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ – засилена борба против корупцијата, помирувањето и зајакнување на социјалната кохезија.
Мисијата на ОБСЕ во Босна и Херцеговина е една од најголемите теренски мисии на Организацијата за безбедност и соработка во Европа. Со нејзино седиште во Сараево и 8 теренски канцеларии, Мисијата на ОБСЕ во БиХ придонесува во градење на капацитетите на институциите и директно градење на довербата меѓу граѓаните.