Водечката иницијатива на Претседателството на Северна Македонија со ОБСЕ ќе се фокусира на борбата против корупцијата во регионот на Југоисточна Европа, најави денеска за време на посетата на Босна и Херцеговина во својство на претседавач со ОБСЕ шефот на дипломатијата Бујар Османи.
Како што соопшти МНР, тој истакна дека во согласност со приоритетите на претседавањето, ќе се организира и регионален состанок за борба против корупцијата преку зајакнување на позициите на земјите и полесно надминување на состојбите.
-На состанокот што ќе се организира во Скопје во јули, ќе се соберат министри од целиот регион на Југоисточна Европа, а истиот е предвидено да се заврши со потпишување заедничка изјава со која ќе ја потврдиме нашата заедничка определба за зајакнување на одговорот на ова злосторство, најави Османи денеска во БиХ.
Оваа водечка иницијатива на Претседателството за борба против корупцијата во регионот на ЈИЕ има за цел да придобие широка политичка поддршка од земјите во овој регион за зајакнување на нивните напори за развивање и спроведување на посилни политики и практики за справување со корупцијата.
Османи потсети дека борбата против корупцијата претставува клучен приоритет за нашиот регион и е од критична важност за напредокот на целиот регион на ЈИЕ, но е и на врвот на листата приоритети на Претседателството со ОБСЕ.
Во оваа насока, Османи рече дека ОБСЕ ќе продолжи да ги поддржува властите за ефективно спроведување на постоечките антикорупциски закони и регулативи и ќе продолжи да посветува значителни напори на оваа работа во иднина за целиот регион.