Во издание на „Изида“ од Софија деновиве е објавен преводот на романот „Другата Марта“ од Горјан Петревски. Тоа е втор дел од познатиот роман „Марта“ од овој македонски автор, кој заедно со романот „Сама“, се преведени во минатата 2022 година и веќе постигнуваат успех кај читателите во соседна Бугарија.
– Мостот на соработка со издавачите „Изида“ и „Книги за сите“ во Република Бугарија на беспрекорен начин е воспоставен. По успехот на романите „Марта“ и „Сама“ кај читателите во Република Бугарија, соработката продолжува. Оттука дојде и преводот на романот „Другата Марта“, кој е редоследно продолжение на претходниот, а двата дела може да се доживеат и одделно, секој, како засебна приказна, самата за себе. Взаемната доверба и разбирање со сопствениците Пламен Тотев и Светлана Јанчева на двата издавачи, се воспоставени и веќе се потпишани нови договори за уште десет романи од моето творештво, кои ќе се преведуваат и ќе се појавуваат во текот на наредниов временски период, вели авторот Петревски.
Романот „Другата Марта“, како и двата претходни, од македонски на бугарски јазик ги преведе Маријан Петров.