Канческа-Милевска ослободена од обвинение за „Тендери“- Судот кажа дека ништо од обвинението не е докажано

Судијата Осман Шабани и даде ослободителна пресуда на ексминистерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска. Тој и судиите поротници ги анализирал сите докази по што утврдил дека јавниот обвинител не докажал дека таа ја фаворизирала фирмата „Бетон“ од Штип да го гради Музејот на ВМРО. Додаде дека не е докажано ниту дека имало градежни работи уште пред тендерот да биде распишан. Ослободени се и другите три обвинети.

„Јавниот обвинител не успеа да ја докаже вината кај обвинетите, надвор од разумно сомневање. Обвинетите се ослободуваат од обвинение“, рече Шабани.

„Јавниот обвинител не понуди конкретни докази дека обвинетата преку второобвинетата договорила за откако ќе се објави огласот, тендерот да биде доделен на АД „Бетон“ Штип. Обвинелството не докажа како обвинетите го фаворизирале „Бетон“ АД Штип. Остана недокажано дека се извршени градежни активности пред да биде распишана постапка, тоа се докажа со супервештачењето. Јавниот обвинител не докажа дека јавната набавка е спротивна на Законот за јавни набавки, дека постои нееднаков третман, дека процесот бил на нетранспарентен начин. Недокажани останаа и останати тврдења од обвинителниот акт во смисла на тоа дека сведокот Ангелина Недевска, член на Комисијата за јавни набавки не знаела дека се спроведуваат градежни работи. Јавниот обвинител не докажа дека се изведувани градежни работи предвиден во огласот, пред јавната набавка. Од градежните книги тоа не се утврди, ниту од исказите на сведоците“, рече Шабани.

Тој кажа дека имало јавен оглас за завршни градежни работи. Па согласно Законот за јавни набавки огласот бил објавен во Службен весник. По објавата, имало четири економски оператори, а само „Бетон“ од Штип доставила понуда.

„Во присуство на членовите на Комисијата за јавни набавки, констатиран е прием на една понуда. Извршен е избор на фирма за градежни работи на музеите“, додаде Османи.

Случајот се судеше пет години. Се врати и на повторно судење откако пред изрекување на пресудата, судија-поротник отиде во пензија.

Во случајот „Тендери“ покрај ексминистерката Канческа-Милевска, за злоупотреба на службената положба и овластувања се гонат уште две лица. Канческа-Милевска се товари дека ѝ наложила на фирмата „Бетон-Штип“ да изведува градежни работи на Музејот на ВМРО пред да се спроведе јавна набавка, а како основа бил искористен претходен тендер што го добила фирмата.

Според обвинението, пред да се објави оглас за доделување договор за јавна набавка и пред да се спроведе постапката, спротивно на Законот за јавните набавки пред да се донесе одлуката за потребата од јавна набавка, Канческа-Милевска преку разговори со генералниот директор на градежното претпријатие „Бетон“ од Штип наложила да се продолжи со работа на Музејот, каде што се изведувале градежни работи по претходно склучен договор за јавна набавка.

Се тврди дека ексминистерката наложила да ги изведат и сите работи што произлегувале дополнително и кои не биле опфатени во договорот за јавна набавка и во анексите, со што немало да се чекаат дваесетина дена за спроведување на новата јавна набавка. Канческа претходно договорила преку второобвинетата во Комисијата за јавни набавки, кога ќе се објави огласот, договорот да го добие „Бетон“ од Штип.

СЈО го поведе случајот, а сега Обвинителството за гонење организиран криминал тврди дека тројцата обвинети (ексминистерката и двајца членови на комисијата за јавни набавки) ги злоупотребиле службената положба и овластувањето.

Треба да знаете
Последни објави