Стејт департмент: Можно е мирно решение за Нагорно Карабах

Американските власти, кои неодамна беа домаќини на разговорите меѓу претставниците на Ерменија и Азербејџан, ги повикаа двете земји да го продолжат дијалогот, и покрај обновените тензии на теренот.

– Веруваме дека сè уште е можен траен напредок. Веруваме дека постои мирно решение, изјави портпарол на американскиот Стејт департмент.

Еден азербејџански војник загина вчера во судири на границата меѓу Ерменија и Азербејџан. Двете земји меѓусебно се обвинуваат за провокации на границата.

– Сметаме дека насилството од овој тип го поткопува напредокот кон постигнување достоинствен и траен мир меѓу двете кавкаски земји, кои три децении се борат за регионот Нагорно-Карабах, соопшти Стејт департментот.

Ерменија и Азербејџан се судрија во 2020 година за контрола на регионот Нагорно-Карабах. Конфликтот заврши со мировен договор со кој се призна победата на азербејџанските сили. Договорот беше постигнат со помош на Русија.

Оттогаш руски војници се стационирани во Нагорно Карабах, но Ерменија веќе неколку месеци се жали на нивната неефикасност. Изолацијата на Русија на меѓународната сцена, поради конфликтот во Украина, го ограничува и просторот за маневрирање на Москва.

Тензиите меѓу Ерменија и Азербејџан се зголемија на 23 април кога Баку го постави првиот контролен пункт на влезот во коридорот Лачин, единствениот пат што ја поврзува Ерменија со Нагорно-Карабах.

Баку ја оправда својата одлука со безбедносни причини, додека Ереван ја оцени како прекршување на примирјето договорено во 2020 година.

Во тој контекст, Вашингтон, кој со Москва и Париз копретседава со таканаречената група „Минск“ за конфликтот, се обидува да ги рестартира мировните преговори.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен неодамна беше домаќин на средба, на која присуствуваа шефовите на дипломатиите на Ерменија и Азербејџан, Арарат Мирзојан и Џејхун Бајрамов.

Нагорно-Карабах, територија на која живеат претежно Ерменци, се отцепи од Азербејџан, што доведе до војна во која загинаа 30.000 животи во 1990-тите.

Треба да знаете
Последни објави