Сојузот на средношколци потсетува дека одржувањето на државната матура е законска обврска и оттука македонската држава е должна истата да ја спроведе во законски предвидениот рок.
„Правото на штрајк е секако уставно загарантирано, но правото на образование исто е дел од Уставот. Законот за средното образование го смета одржувањето на матурскиот испит на крајот од секоја учебна година за должност на институциите.
Како што кажавме и порано, ако не се одржи државната матура, ќе се создадат огромни проблеми за оваа генерација матуранти кои планираат да студираат во високото образование. Можното неодржување на државната матура најмногу ќе им наштети на матурантите кои планираат да студираат во странство, а според нашите анализи овој број изнесува 12 отсто од секоја една генерација. Токму затоа ја потсетуваме јавноста на нашиот ангажман во месец март за соодветно адаптирање на државната матура во интерес на сите средношколци и го повторуваме нашиот апел возрасните да не ја доведуваат иднината на овие матуранти под прашање“ велат од сојузот на средношколци.
Оттаму ги известуваат матурантите и целокупната јавноста дека, според информациите со кои располагаат, најверојатно ќе се успее во напорот првиот екстерен испит да се полага на 27 мај.