Теренските активности на СДСМ „Рамо до рамо до победа” денеска продолжија во источниот дел на државата, со средби со граѓаните во Штип, Карбинци и Кочани.
Претседателката на Надзорниот одбор на СДСМ Викторија Аврамовска – Мадиќ, заедно со Јовица Стојановиќ беше во Штип, каде со граѓаните зборуваше за европскиот пат на државата.
Благодарение на државничките политики и храбри и мудри одлуки на СДСМ, Македонија стана 30-та членка на НАТО, по 17 години чекање ги започнавме преговорите за членство во ЕУ, истакна Аврамовска – Мадиќ, додавајќи дека тоа носи придобивки за граѓаните, носи зголемени странски инвестиции, пристап до нови европски фондови и повеќе пари во македонската економија.
Ги реализираме децениските стратешки цели на генерации граѓани, подготвени сме да се справиме со сите предизвици, посветено работиме на европската иднина на државата, ја носиме Европа во нашата татковина, а државата во ЕУ, порача Аврамовска – Мадиќ во Штип.
Рамо до рамо со граѓаните на Карбинци беа Магдалена Грашковска и Дарио Николовски.
Успешно се справивме со глобалната криза, го поддржавме стандардот на граѓаните, но и компаниите. Го одржавме енергетскиот систем стабилен и покрај заплашувањата од опозицијата дека нема да има струја, дека ќе има рестрикции. Напротив, оваа зима за првпат во последните 15 години, дури 87 отсто од вкупните потреби на електрична енергија во земјата, се обезбедени од домашни производствени капацитети, истакна Николовски, додавајќи дека стабилниот енергетски систем отвори можност да се разгледа опцијата за враќање на дневната евтина тарифа.
Во Кочани со граѓаните се сретнаа Милена Стевановиќ и Никола Рилак, кои се осврнаа на економските политики на СДСМ и грижата за стандардот на граѓаните.
Во ек на најголема светска економска криза ја задржавме економската стабилност, македонската економија ја направиме конкурентна и атрактивна, а доказ за тоа се и рекордните странски инвестиции од 750 милиони евра, истакна Рилак, додавајќи дека минималната плата е покачена од 9 на 21.175 денари, просечната плата надмина 34.000, а сите 330.000 пензионери во март добија пензии повисоки за 8,4 отсто.